Google објави дека започнува со end-to-end шифрирање групни RCS разговори во бета верзијата на Google Messages. Слична функционалност веќе извесно време е достапна за директните разговори.
Компанијата објави дека новата опција ќе се појави во бета програмата во следните недели. Ова значи дека ќе биде потребно извесно време за да стигне до сите корисници. Дополнително, Google работи на функционалноста да се користиат сите емотикони за да се реагира на RCS порака.
Со RCS, компанијата се надева дека ќе ги замени SMS пораките какви што ги знаеме, но има еден голем проблем, а тоа е неподготвеноста на Apple да ја воведе технологијата во iOS. Пристапот на Google да го промени ова е преку јавни кампањи во оваа насока, кои веројатно нема да имаат голем успех.