Во споредба со подемот на социјалните мрежи и апликациите за чет како WhatsApp, Messenger и Telegram, се чини дека употребата на SMS пораките е во пад по 30 години, но сè уште не исчезнале од нашите телефони
Првата SMS порака во историјата, испратена од операторот Vodafone на 3. декември 1992 година, ја добил вработен во компанијата, Ричард Џарвис, а се состои од 15 знаци: Merry Christmas – „Среќен Божиќ“. SMS ја револуционизира комуникацијата со својата едноставност.
„Се работи за технологија од европско потекло“, изјави за AFP, Марк-Антоан Дипоа, син на францускиот инженер Филип Дупоа, кој се смета за еден од пронаоѓачите на GSM, мобилната 2G мрежа што го овозможи порастот на SMS во доцните 1990-ти години.
Ограничени на 160 знаци, поради што корисниците развија посебен, а понекогаш и криптичен јазик како насмевка од интерпункциски знаци, SMS пораките денес се разменуваат во неограничен број збогатени со фотографии, видео пораки и друга мултимедијална содржина.
Иако беа многу популарни на почетокот на 2010-те, посебнио за новогодишните честитки, употребата на СМС пораки е во постојан пад. Само во Велика Британија, бројот на испратени SMS пораки е намален за четири пати во последните десет години, според британскиот телеком регулатор Offcom.
Главната причина за тоа е подемот на социјалните мрежи (Facebook, Snapchat, Instagram) и посебно апликациите за испраќање пораки како што се WhatsApp, Messenger, iMessage, Viber и Telegram, кои избегнуваат роаминг преку користење на интернет, а дополнително ја освоија младата генерација со иновации како што се создавање групи за разговор и потврда дека пораката е прочитана.