Поскапувањето на видео-игрите на конзолата Xbox доаѓа откако Извршниот директор на Microsoft Gaming, Фил Спенсер објави дека компанијата ќе ги задржи исти цените на конзолите, претплатите за Game Pass и игрите за време на празничната сезона.
Следејќи го трендот на поскапување во секторот за видео-игри, Microsoft одлучи да ги зголеми цените на своите first-party наслови за конзолите Xbox од следниот месец. Претстојните игри од Xbox Game Studios, како што се Redfall, многу очекуваните Starfield и Forza Motorsport, поскапуваат од 59,99 долари на 69,99 долари.
„Почнувајќи од 2023 година, нашите нови игри направени за следната генерација ќе бидат лансирани за 69,99 долари на сите платформи. Цената ја одразува содржината, обемот и техничката сложеност на овие наслови. Како и сите игри развиени од нашите тимови во Xbox, тие исто така ќе бидат достапни на Game Pass истиот ден кога ќе бидат објавени“, објасни Microsoft во официјалното соопштение.
Не се зборуваше за зголемување на цените на претплатите за Game Pass и конзолите Xbox Series S/X, но извршниот директор на Microsoft Gaming, Фил Спенсер на крајот на октомври најави дека по празничната сезона може да дојде до зголемување на цените.
„Ги задржавме цените на нашите конзоли, игри и претплатата. Мислам дека не можеме да го правиме тоа засекогаш. Во одреден момент ќе треба да ги зголемиме цените за одредени работи, но влегувајќи во оваа празнична сезона, почувствувавме дека е многу важно да ги задржиме цените што ги имаме“, рече Фил Спенсер на Tech Live конференцијата на The Wall Street Journal.