Првиот паметен телефон на компанијата Nothing, Phone (1) е на пазарот веќе неколку месеци, и се наоѓа меѓу најинтересните модели за оваа година, главно во поглед на дизајнот. Карактеристичен белег на уредот е проѕирниот систем на задната страна, инаку телефонот спаѓа во средната класа уреди со добар баланс на спецификации.
По дебито на овој модел, очекувано се наметнуваат прашања за можниот изглед на неговиот наследник – Phone (2). Сега, основачот на компанијата, Карл Пеи во голема мерка ги олади очекувањата.
Пеи на Twitter изјави дека моделот нема да се појави наскоро, бидејќи компанијата е фокусирана на малку, но квалитетни производи. Ова е во спротивност со политиките на многу други компании за објава на десетина нови модели годишно.
Пеи напоменува и дека Phone (1) моделот ќе добие нови софтверски функции, Android 13 и повеќе додатоци во иднина.