Американската војска ја донесе најголемата одлука за своите хеликоптери во последните 40 години.
Армијата ја избра компанијата Bell Textron за партнер кој ќе произведува нова генерација на хеликоптери за напад и поддршка, со дизајн драстично различен од моделите Apache и Black Hawk.
Хеликоптерот V-280 Valor на Bell треба да стапи во употреба околу 2030 година и да ги замени своите претходници, кои се произведуваат од 70-тите години на минатиот век. Договорот ќе биде вреден до 1,3 милијарди долари доколку се имплементираат сите опции и ќе замени 1.200 хеликоптери Apache и 2.000 хеликоптери Black Hawk.
Bell Textron на крајот би можел да заработи околу 70 милијарди долари во следните неколку децении, доколку продаде „целосен комплет“ на нови хеликоптери во текот на траењето на програмата, вклучувајќи ја и продажбата за извоз. Компанијата ја победи конкуренцијата од здружените компании Boeing и Sikorsky (Lockheed Martin).
За разлика од традиционалниот Apache, кој има голем преден ротор и долг дел од опашката, V-280 има ротирачки ротори и мотори на спротивните краеви на големото предно крило, што му овозможува да полета вертикално како хеликоптер, но и да лета хоризонтално како авион. На неговата опашка во облик на V нема ротор и повеќе личи на задниот дел на борбен авион. Дизајнот е сличен на хеликоптерот V-22 Osprey, кој долго време го користат американските воздухопловни сили и маринскиот корпус.
Исто така, V-280 е двојно побрз и има двојно поголем дострел од хеликоптерите Apache и Black Hawk. Дизајниран е да лета со брзина од 518 км/ч, додека неговиот борбен домет е до 1.480 км. Првиот прототип ќе стапи во употреба до 2025 година.