Новите цилиндрични ќелии на BMW доаѓаат со стандарден дијаметар од 46 милиметри и две различни висини
Групацијата BMW е убедена дека моќни, иновативни, одржливо произведени батерии ќе бидат клучни за успехот на индивидуалната електромобилност во иднина. Компанијата е подготвена да воведе нова ера на е-мобилност од 2025 година со своите модели Neue Klasse – за прв пат користејќи ново развиени цилиндрични батериски ќелии оптимизирани за новата платформа.
„Новоразвиената шеста генерација на нашите литиум-јонски ќелии ќе донесе голем напредок во технологијата која ќе ја зголеми густината на енергијата за повеќе од 20 проценти, ќе ја подобри брзината на полнење до 30 проценти и ќе го зголеми опсегот до 30 проценти“, вели Френк Вебер, член на Управниот одбор на BMW AG одговорен за развој.
„Со цел да ги задоволиме нашите долгорочни потреби, со нашите партнери ќе изградиме фабрики за батериски ќелии, секоја со годишен капацитет до 20 GWh, на шест локации на клучните пазари за нас: две во Кина, две во Европа и две во САД“, додава Јоаким Пост, член на Управниот одбор на BMW AG одговорен за набавки и мрежата на добавувачи. „Постигнавме договор и со нашите партнери дека ќе користат процент од секундарниот материјал за суровини како литиум, кобалт и никел и употреба на зелена енергија за производство, со цел да се обезбеди производство со намалени емисии на CO2“.
Новите цилиндрични ќелии на BMW доаѓаат со стандарден дијаметар од 46 милиметри и две различни висини. Во споредба со призматичните ќелии на петтата генерација на батериски ќелии на BMW, содржината на никел во кружните ќелии од шестата генерација на BMW е поголема на катодната страна, додека содржината на кобалт е намалена. На страната на анодата, ќе биде зголемена содржината на силициум. Како резултат на тоа, волуметриската енергетска густина на ќелијата ќе се подобри за повеќе од 20 проценти.