Google search страницата автоматски ќе вчита шест страници со резултати од пребарувањето, пред да го поттикне корисникот да кликне на копчето „more“.
Google овозможи непрекинато „скролање“ на резултатите од пребарувањето на десктоп, асе тоа година откако функцијата беше пуштена на мобилните уреди.
Континуираното лизгање ќе ја елиминира потребата да кликнете „next“ или бројот на страницата на дното од резултатите од пребарувањето. Наместо тоа, Google автоматски ќе го вчита следниот сет на резултати на страницата откако корисникот ќе дојде до дното на тековната листа.
Гигантот за пребарување ја потврди функцијата и истакна дека Search автоматски ќе прикаже до шест страници со резултати пред корисникот да мора да кликне на копчето More results и да ја вчита следната група резултати од пребарувањето.
„Почнувајќи од денес, овозможуваме непрекинато „скролање“ на десктоп за да можете да продолжите да гледате покорисни резултати од пребарувањето со помалку кликови. Сега е уште полесно да се инспирирате со повеќе информации“, истакна портпаролот на Google за Search Engine Land.
Доаѓањето на оваа функција ќе овозможи искуството на Google Search да биде поконзистентно на уредите и платформите. Функцијата прво е достапна за пребарувања на англиски јазик во САД, а во иднина се очекуваат и други региони.