Со цел да ги поттикнат патниците да користат возови со голема брзина, француските власти одлучија да ги забранат кратките комерцијални патнички летови секаде каде што има железничка врска пократка од 2,5 часа
Во август 2021 година, Франција го донесе Законот за борба против климатските промени и зајакнување на отпорноста на нејзините ефекти. Врз основа на тоа, забранети беа редовните воздушни патнички услуги на сите авиокомпании во земјата, за кои има неколку директни дневни железнички врски кои траат помалку од два и пол часа. Овој предлог е прв од ваков вид во Европската Унија, па мораа да бараат официјално правно мислење за него. Тоа беше позитивно решено деновиве, откако Европската комисија ја спроведе својата истрага, за Франција да има регулаторно „зелено светло“ за оваа забрана.
Иако оваа забрана генерално може да звучи радикално, за почеток, поради поставените услови, таа ќе важи само за неколку линии на авиокомпании. Забраната за кратки регионални патнички летови ќе се однесува на три линии меѓу аеродромот Париз-Орли и аеродромите Бордо, Нант и Лион.
Линиите меѓу аеродромот Париз-Шарл де Гол, од една страна, и аеродромите во Бордо и Нант, од друга страна, се исклучени од опсегот на мерката, бидејќи патувањето со воз до станицата на аеродромот Шарл де Гол трае повеќе од два и пол часа – стои во официјалниот закон на ЕУ.
Воздухопловните линии меѓу парискиот аеродром Шарл-де-Гол, од една страна, и аеродромите во Рен и Лион, од друга страна, како и линијата Лион-Марсеј се исклучени од мерката со оглед на моменталната понуда на железнички услуги. Иако таму може да се постигне време на патување од помалку од два и пол часа со железница, тоа не дозволува пристап до аеродромот Париз-Шарл де Гол (или аеродромот Лион Сент Егзипери во случајот на линијата Лион-Марсеј) доволно рано во наутро или при заминувањата доволно доцна навечер. Поради оваа причина, аеродромот Шарл-де-Гол нема да биде опфатен со забраните. Сепак, идното подобрување на железничките услуги со доволна фреквенција и соодветни возни редови, особено за целите на трансфер, би можело да овозможи и забрана на овие воздушни линии.
Европската комисија потврди дека планираната цел на оваа мерка е да придонесе во борбата против климатските промени со користење на видови транспорт со помали емисии на CO2, доколку има соодветни алтернативи. Франција, велат, има право да смета дека во оваа ситуација има сериозен проблем поврзан со заштитата на животната средина, па доби дозвола да забрани летови, под услов тоа да не е дискриминаторски и да не ја нарушува конкуренцијата на слободниот пазар. Летовите со приватни авиони не се забранети.