Преклопниот Google Pixel Fold со кодно име „Felix“ неодамна се појави на Geekbench. Минатиот месец се појавија и рендери од овој телефон. Сега доверливиот дојавувач Стив Хемерстофер (OnLeaks) во соработка со HowToSolve креираше висококвалитетно видео кое го прикажува Google Pixel Fold од сите агли. Дополнително, направени се 5К рендери од уредот на преклоп од Google, а откриени се и некои дополнителни информации за овој телефон.
Како што имавме можност да видиме досега, Pixel Fold ќе биде сличен на Galaxy Z Fold 4 на Samsung. Уредот е доста компактен, а внатрешниот и надворешниот екран имаат отвор за предна камера. Надворешниот екран има прилично дебели рамки околу екранот.
На задната страна на уредот има хоризонтален модул за камери во кој се сместени два сензори во засек во облик на пилула. На задната страна има и LED блиц и друг сензор, но тие се наоѓаат надвор од модулот. Рендерите откриваат дека слотот за SIM картичка и USB-C портот се наоѓаат на дното на внатрешниот екран, а на горните и долните рабови има решетка за звучници.
Во извештајот се наведува и дека Pixel Fold има внатрешен екран од 7,69 инчи и надворешен екран од 5,79 инчи. Димензиите на телефонот наводно ќе изнесуваат 158,7 x 139,7 x 5,7 мм (8,3 мм вклучувајќи ја и задната камера).
Кога станува збор за боите, се истакнува дека Pixel Fold е достапен во две бои – сребрена и црна. Со оглед на претходните извештаи од OnLeaks, се очекува финалниот производ да биде идентичен со рендерите.
Телефонот ќе го покренува Tensor G2 чип поврзан со до 12 GB RAM меморија.