Воведувањето на end-to-end енкрипција за пораките, фотографиите и бекап копиите на уредите во iCloud ќе го оневозможи пристапот до приватните податоци во случај на хакирање, но и во случај да ги побарат истражителите
Услугата на Apple за складирање во облак, iCloud, беше „главниот актер“ на аферата The Fappening, во која хакерите успеаја да измамат бројни познати личности и да им ги украдат информациите за пристап, па во јавност ги објавија нивните приватни содржини, пред се експлицитни фотографии. Тоа беше во 2014 година, и како одговор на тој и слични настани, Apple (како и остатокот од индустријата) воведе повеќефакторска проверка на идентитетот и во голема мерка спречи слични неовластени упади во сметките.
Сепак, iCloud до денес остана „обична“ услуга за складирање, која не ги заштитува складираните податоци со енкрипција. Таквата ситуација им овозможи на полициските истражители или на различни разузнавачки агенции пристап до податоците на лицата од интерес. По неколку престрелки во САД, полицијата и FBI можеа да побараат од Apple да достави резервни копии на iCloud од уредите на осомничените, а компанијата мораше да ги обезбеди со судски налог, иако не можеше и не сакаше да ги отклучи самите уреди.
Конечно енкрипција
По многу години, и iCloud конечно ќе добие напредна енкрипциска заштита. Apple најави воведување на целосна, end-to-end енкрипција во оваа услуга, која ќе ги штити приватните податоци на корисниците дури и во случај на хакирање на iCloud.
Во иднина, на iCloud ќе можат да бидат криптирани бекап копиите на уредите, документите на iCloud Drive, фотографиите, белешките, потсетниците, податоците од Safari и Wallet, гласовните белешки и сите слични податоци. Она што нема да биде шифрирано се податоците што зависат од надворешни, глобални стандарди, вклучувајќи ги мејловите, контактите и податоците од календарот. Во нивниот случај, шифрирањето би ја прекинало компатибилноста со надворешните услуги и системи.
Од следното ажурирање
Apple појаснува дека iCloud шифрирањето, кое го нарекува „Advanced Data Protection“, корисниците ќе можат рачно да го вклучат. За ова, ќе им треба следното ажурирање на iOS и iPadOS (16.2) и macOS (13.1). Во случај кога е вклучена дополнителна заштита, а корисникот од било која причина го загубил пристапот до неговата сметка, ќе може да го врати со помош на лозинката за отклучување на уредот, еден од контактите за итни случаи или посебен клуч – овие податоци ќе треба да се постават кога заштитата е вклучена.