Колапсот на големата крипто-берза повлече и многу поврзани лица, фондови на инвеститори, но откри и одредени слабости на пазарот, но и на самиот концепт на незаменливи токени, NFT-.
Незаменливите токени запишани на блокчејн, NFT се појавија на јавниот простор многу ненадејно, набрзина добија популарност, „превртеа“ милијарди долари, а потоа исто толку брзо – пропаднаа. Не велиме дека целата NFT индустрија пропадна или дека некои од нивните апликации сè уште не се корисни, но факт е дека она што порано генерираше најголем сообраќај веќе не е случај. Овде мислиме пред се на купување и продавање на „колекционерски“ сликички, како пикселизирани мајмуни или слични глупости, за кои многу луѓе плаќаа илјадници долари, но тие денес речиси ништо не вредат.
Покрај тоа што побарувачката за NFT опадна за повеќе од 90% од почетокот на оваа година, а нивните вредности драстично паднаа, сето тоа придонесе за големиот пад на вредноста на криптовалутите оваа година. Бидејќи вредноста на NFT обично се изразува во етериум, солани и други токени, ова дополнително ги намали нивните цени, правејќи ги многу од нив речиси безвредни. Потоа се надоврза и падот на FTX, втората најголема крипто-берза за криптовалути во светот.
Наместо сликички – линк на банкрот
NFT токените само по себе не се уметнички дела или колекционерски предмети. Тие се наменети како доказ за сопственост, незаменлив и неотуѓив уникатен запис на блокчејн, кој треба да му потврди на имателот дека е сопственик на нешто. Во медиумски експонираните случаи, тоа „нешто“ беше некој вид дигитална уметност или цртеж, а NFT беше поврзан со објектот на сопственост само со обичен URL. Тој URL е запишан на блокчејнот и води до серверот на кој е сместено оригиналното дело.
Oh look FTX hosted all the NFTs minted on their platform using a web2 API and now all those NFTs have broken metadata and the links go to a restructuring website. pic.twitter.com/hsQgVru4BL
— jac0xb.sol (@jacobdotsol) December 7, 2022
Сега веќе можеби погодувате што се случило со одредени NFT токени поврзани со менувачницата FTX. Компанијата на Банкман-Фрид ги насочи NFT-ите изработени кај нив со URL-адреси до записите на нивните сервери. По банкротот на компанијата, нивните сервери беа пренасочени на страници за процесот на стечај, каде клиентите можат да дознаат повеќе за последиците од тој настан. Со пренасочувањето на доменот се пренасочија и линковите до NFT, па сопствениците на некои од незаменливите токени дојдоа до ситуација наместо нивните .jpeg или .gif фајлови да гледаат – празно поле.
Овој случај не се однесува на сите NFT, ниту пак, сите тие се изложени на ризик да исчезнат ако им пропадне компанијата што ги држи нивните сервери. Имено, филозофијата и принципите кои го покренуваат Web3 треба да обезбедат складирањето на сè, вклучително и сликичката од NFT, да биде децентрализирана и во облак, без ризик од такво сценарио. Web2 API што го користеше FTX и случајот со исчезнувањето на „дигиталната уметност“ им покажаа на поддржувачите на новата технологија дека преминот кон Web3 стандардите е добра одлука. За сите останати, тоа е само уште еден доказ за бесмисленоста на целото лудило околу NFT, но и криптовалутите како целина.