Брисел, 9 декември 2022 година – Дијалогот, соработката и имплементацијата на иновативни решенија засновани на стандардите на ЕУ се основните столбови на кои се потпира успешната иднина на државите-членки на ЦЕФТА. На патот кон поврзување на поединечните пазари во Заеднички регионален пазар кој економски ќе расте, државите-членки на ЦЕФТА имаат партнери и патна карта, но мора што поскоро да ја потврдат својата посветеност на оваа цел, беше заклучено во Брисел.
Конференцијата за неделата на ЦЕФТА 2022 година ги собра клучните регионални актери и партнери на настанот наречен „ЦЕФТА: Чекор поблиску до Заедничкиот пазар на ЕУ“. Тоа беше можност да се сумира постигнатото, но и да се утврдат насоките на идното заедничко дејствување во 2023 година, кога Црна Гора ќе го преземе претседавањето со ЦЕФТА од Молдавија.
„Сите знаеме дека регионалната соработка е суштински елемент за интеграцијата во ЕУ, и иако географски сме лоцирани во различни региони, на крајот на денот се стремиме да ја постигнеме заедничката цел за поголема економска интеграција. Така, со оглед на фактот дека Република Молдавија неодамна доби статус на кандидат за ЕУ, како и мнозинството земји членки на ЦЕФТА, темата на дискусија за овогодинешната годишна конференција е многу добредојдена и ја следи заедничката цел на сите нас: „ЦЕФТА: Чекор поблиску до Заедничкиот пазар на ЕУ“, изјави денеска Думитру Алаиба, министер за економија на Република Молдавија.
2022 година донесе нови предизвици, а последиците од економската и социјалната криза дополнително ја истакна потребата од системски регулиран пазар кој ќе биде основа за напредок и економско закрепнување на целиот пазар на ЦЕФТА, изјави директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.
На маргините на Конференцијата, царинските администрации на Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора потпишаа Меморандуми на Разбирање, со што дополнително се прошируваат Зелените ленти со Европската унија. Заедно со веќе потпишаните со Грција и Италија во јули и септември оваа година, иницијативата отиде чекор подалеку со создавање на основа за олеснување на трговијата и намалување на нелегалната трговија со ЕУ. Поконкретно, проширувањето на ЦЕФТА-ТЦТ Зелените ленти со Грција и воспоставувањето Сини ленти со Италија, со поддршка на СРС и Европската комисија, се очекува да резултира со ублажување на царинските постапки и подобро поврзување на царината на ЦЕФТА и земјите-членки на ЕУ. На овој начин директен бенефит имаат компаниите чии камиони поминуваат процедури на граничните премини, што носи заштеда и подобра контрола на работата, а го намалува метежот.
Четири важни одлуки чекаат да бидат усвоени од Заедничкиот комитет: Одлука за олеснување на електронската трговија, Одлука за услуги за испорака на пакети меѓу државите-членки на ЦЕФТА, Одлука за спречување на неоправдано гео-блокирање и Одлука за признавање на програмите AEOS. Сите тие го стимулираат бизнисот според принципите на ЕУ и поттикнуваат инвестиции. Ова не е крајот на листата. ЦЕФТА е блиску до завршување на преговорите за уште шест дополнителни договори кои ги исполнуваат обврските што лидерите на Западен Балкан ги презедоа во 2020 година – признавање на сертификати, дозволи и лиценци наменети за инженери, туристички агенции, тур-оператори, производители и трговци со мед.
„Со овој сет на одлуки, ЦЕФТА продолжува да се позиционира како основа на економската интеграција на регионот. Постои патна карта, како и начини за надминување на предизвиците и изнаоѓање решенија кои ќе работат на целиот пазар на ЦЕФТА преку постепено усогласување со законодавството и политиките на ЕУ. Ова е поддржано и од податоците дека регионалната трговија се зголемила преку ЦЕФТА меѓу 74% и 127%, и дека трговијата со стоки и услуги се либерализирани и дополнително се олеснуваат, во согласност со политиките на ЕУ. Како што е соопштено во СРС Балкански бизнис барометар, само 22% од бизнисите во регионот сметаат дека економската состојба е подобрена во 2022 година, додека 60% од бизнисите велат дека имаат корист од ЦЕФТА. Довербата што ја имаат во нас во справувањето со последиците од економската криза и создавањето нови трговски можности треба да биде наша клучен поттик да ги исполниме ветувањата што ги дадовме на самитот во Софија во 2020 година и на самитот во Тирана оваа недела“, додаде Џикиќ.
Државниот секретар во Министерството за економски развој и туризам на Црна Гора, Арменд Мила, истакна дека Црна Гора за време на своето претседавање ќе вложи дополнителни напори за подобрување и зајакнување на регионалната трговска соработка меѓу државите-членки на ЦЕФТА и подобрување на добрососедските односи.
„Со оглед на тоа што на Заеднички комитет не беше постигнат консензус за усвојување на горенаведените одлуки, Црна Гора во својата улога како иден копретседавач со ЦЕФТА во 2023 година, ги повика сите страни на ЦЕФТА да вложат дополнителни напори и преку конструктивен дијалог да се обидат да се постигне консензус и да се донесат горенаведените одлуки“, рече Мила.
Оливер Вархеји, Европскиот комесар за соседство и проширување, во видео пораката вели дека ЕУ стои со регионот и го поддржува со економски и инвестициски планови.
„Затоа е од клучно значење да продолжиме да ја подобруваме соработката со ЦЕФТА. Како што се намалуваат трошоците, ќе ги направиме вашите пазари попривлечни за инвеститорите кои носат инвестиции и работни места исто така. Успехот не е можен без посветеноста на договорните страни на ЦЕФТА на техничко и политичко ниво. Регионалната економска интеграција е за надминување на политичките пречки за поттикнување на економските можности. Комисијата е подготвена да продолжи да ја обезбедува потребната финансиска и техничка поддршка за вашата работа.Преку спроведувањето на Акциониот план за заеднички регионален пазар, работата во ЦЕФТА ја отвора можноста за значајни придобивки во различни сектори – од договор за геоблокирање до проширување на трговијата со земјоделски производи преку взаемно признавање на ветеринарните сертификати. Од суштинско значење за потрошувачите и производителите е отворањето на пазарите да стане реалност“, рече Вархеји.
Во рамките на конференцијата беа организирани три панели посветени на трговијата со стоки, електронската трговија и целите и можностите во претседавањето во 2023 година.