Неколку недели по нивното официјално претставување во Кина, Realme 10 Pro и 10 Pro+ доживеаја и глобална премиера, па во одреден момент може да ги видиме и на нашиот пазар. Realme 10 Pro нуди 6,72“ IPS LCD 1080p дисплеј со стапка на освежување до 120Hz, чипсет Snapdragon 695, простор за складирање од 128 GB и 8 GB или 12 GB RAM.
Смартфонот вклучува главна камера од 108 мегапиксели со сензор ISOCELL HM6 на Samsung и сензор за ефект на бока од 2 мегапиксели, а додадена е и камера од 16 мегапиксели за селфи фотографии. Уредот го напојува батерија од 5000 mAh со брзо полнење на 33W. Моделот вклучува два слота за SIM картички кои поддржуваат 5G, но нема опција за дополнителна меморија.
Од друга страна, Realme 10 Pro+ е опремен со заоблен AMOLED дисплеј од 6,7 инчи со стапка на освежување до 120 Hz, чипсет MediaTek Dimensity 1080 и меморија од 8/128 GB во основната верзија. Главната камера сè уште има сензор од 108 MP, но вклучува 8 MP со објектив со ултраширок агол и 2MP за макро снимки. Батеријата е повторно 5000 mAh, но полнењето сега се одвива на 67W.
Двата телефона користат Realme UI 4.0 интерфејс базиран на Android 13. Цената на Realme 10 Pro ќе започне од 319 долари за 8/128 GB простор, а истата конфигурација за Realme 10 Pro+ е со цена од 379 долари. Двата модели ќе бидат достапни во црна, сина и градиент верзија.