Уредот што е комбинација од слушалки и заштитна маска беше претставен уште порано, а сега знаеме кога ќе биде достапен за нарачка и колку ќе чини.
Само еден поглед на Dyson уредот ќе биде доволен за многумина да кажат дека тоа не е уред што сакаат да го носат во јавност, а ова чувство веројатно ќе се зголеми кога ќе ја дознаат неговата цена. Имено, Dyson Zone, кој е комбинација од слушалки и заштитна маска ќе чини дури 950 долари кога ќе се појави на пазарот.
Не е тешко да се погоди како американската компанија дошла до оваа идеја. За време на пандемијата, кога маските станаа наше секојдневие, некои технолошки компании како Razer развија специјални заштитни маски, а Dyson го следеше истиот пат.
За среќа, во меѓувреме ситуацијата со коронавирусот е променета, така што освен во болниците и аптеките, никаде повеќе не се бара носење маски, а за многумина тие претставуваат симбол на тежок и грд период кој сакаат да го заборават што е можно поскоро.
Dyson Zone се состои од два дела. Првиот дел се напредни (и прилично големи) слушалки со интересен дизајн со опција за активно намалување на шумот, кои со едно полнење на батеријата можат да издржат до 50 часа работа. Вториот дел кој може да се поврзе со нив, е маската, односно „личниот систем за филтрација“ кој освен што ја троши батеријата многу побрзо, создава и дополнителен шум, поради што опцијата за поништување на бучавата е особено важна кај овие слушалки.
Ако системот за филтрирање е активиран на максимум, батеријата може да издржи само околу час и половина работа, односно може да издржи 2,5 часа на умерени поставки и околу 4 часа на најслабите поставки.
Системот за филтрирање на предната страна го провлекува воздухот низ двослојни филтри, со што се отстрануваат честичките како полен, прашина, бактерии, но и гасови како азот диоксид и сулфур диоксид. Таквиот прочистен воздух потоа се насочува во устата и носот преку магнетно прицврстена маска која исто така е дизајнирана да го блокира ветарот. Интересно, она во што не нудат совршена заштита е од изложеноста на коронавирусот. Со оглед на тоа дека маската користи специјални филтри, тие треба да се менуваат секоја година.
Ако поради некоја причина овој уред ви е интересен и сакате да шетате низ град вдишувајќи почист воздух, притоа привлекувајќи ги погледите на зачудените минувачи (а можеби и полицијата повремено ќе ве запре и ќе ви побара документи), тогаш ќе ви биде интересна и информацијата дека уредот ќе биде достапен за преднарачка во март следната година, а испораките ќе започнат набрзо потоа.