Компанијата Huawei е на американската црна листа од 2019 година. Листата се состои од компании кои претставуваат закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави. Ваквите санкции против кинескиот технолошки гигант имаа големо влијание врз Huawei, кој доживеа голем пад на популарноста и продажбата на паметни телефони.
Huawei се обидува да опстане на различни начини, а сега склучи интересен договор со компанијата Oppo. Во краткото соопштение за медиумите двете кинески компании Huawei и Oppo објавија дека склучиле договор за вкрстена лиценца. Патентите вклучуваат технологии како што се 5G мрежи, Wi-Fi и аудио/видео кодеци.
Со оглед на тоа што нема детали во самото соопштение, може да се претпостави дека Huawei ќе му обезбеди на Oppo знаење и искуство за поврзување, додека Oppo ќе му овозможи на Huawei патенти поврзани со аудио и видео. Потсетуваме дека компанијата Oppo има долга историја во висококвалитетната аудио и видео потрошувачка електроника.
Во соопштението се наведува и дека двете страни ќе имаат корист од ова партнерство. Поради гореспоменатите американски санкции кон Huawei, кинеската компанија е практично во ќош, така што договорот за вкрстена лиценца со Oppo би можел да осигура дека некои 5G технологии конечно ќе бидат искористени од компанијата што ги продава своите производи надвор од Кина.
За жал, ова се единствените детали кои досега ги знаеме за соработката меѓу двете кинески компании. Се очекува во блиска иднина да дознаеме повеќе информации за природата на оваа соработка.
Неодамна, американското биро за индустрија и безбедност, кое работи под американското Министерство за трговија, усвои ново правило кое дозволува споделување на одредени технологии со компаниите на црната листа, што секако претставува напредок за компанијата Huawei.