Најголемата светска крипто берза Binance забележа повлекување од 1,9 милијарди долари во последните 24 часа, објави компанијата за податоци за блокчејн Нансен.
Binance соопшти дека „привремено го прекинала“ повлекувањето на USDC stablecoins, криптовалута чија вредност е стабилна и поврзана со американскиот долар 1:1.
Износот од 1,9 милијарди долари беше најголемиот дневен одлив од јуни оваа година, покажаа податоците на Нансен, и го сочинуваа најголемиот дел од 2,2 милијарди долари повлекувања базирани на етериум во изминатите седум дена, пренесува Ројтерс.
„Повлекувањата од Binance се зголемуваат поради зголемената неизвесност во однос на извештајот за нејзините резерви“, рече портпаролот на Нансен.
Од друга страна, претставник за односи со јавноста на Binance вели дека луѓето секојдневно депонираат и повлекуваат средства од различни причини.
„Корисничките средства на Binance се поддржани 1:1, а капиталната структура на Binance е без долгови. Секогаш имаме повеќе од доволно средства за да ги исполниме барањата за повлекување“, додаде тој.
Binance, чија доминација во светот на крипто беше зацементирана со банкротот на ривалската берза FTX, минатата недела објави на Твитер извештај од ревизорската куќа Mazars како доказ за резервите што ги има компанијата, пренесеува Танјуг.
Извештајот покажа дека неговите залихи на биткоин ги надминале депозитите на клиентите во еден ден во ноември.
Новинскиот портал KoinDesk претходно објави дека Binance забележал одлив од 902 милиони долари во понеделникот. Оваа крипто берза веќе е под притисок од властите.
Поделбата меѓу обвинителите во американското Министерство за правда го одложува завршувањето на долготрајната кривична истрага фокусирана на усогласеноста на Binance со американските закони и санкции за спречување на перење пари, објави Ројтерс во понеделникот. Тој текст од британската агенција предизвика пад на токенот на Binance BNB за речиси 4,0 отсто, велат трговците.