Извршниот директор на Apple, Тим Кук потврди преку Twitter дека Apple ги користи сензорите за камера на Sony во производството на iPhone.
Кук го објави твитот за време на неговата посета на добавувачите во Јапонија. „Ние соработуваме со Sony повеќе од една деценија за да ги произведеме светските водечки сензори за камерите на iPhone“, напиша Кук, заблагодарувајќи му се на извршниот директор на Sony, Кеничиро Јошида што му го покажал објектот во Кумамото.
Apple воглавно ги крие деталите за хардверските компоненти што се вгардуваат во секој iPhone, така што потврдувањето на употребата на камера сензорите на Sony по повеќе од една деценија е прилично значаен момент. На веб-страницата на Apple се наведени само спецификациите на камерата на iPhone како резолуција, бленда и видно поле, додека нема информации за конкретните компоненти.
Твитот на Кук ги потврди бројните извештаи и гласини кои кружат со години дека Apple користи хардвер на Sony. Во 2015 година, Wall Street Journal објави дека Apple користел два сензори на Sony за iPhone 6, а со расклопување на уредот, iFixit ги утврди броевите на моделите на Sony. Sony се смета за лидер на пазарот на сензори за камери и има 44 отсто удел на пазарот на CMOS сензори. Samsung е втор со удел од 18,5 отсто.
We’ve been partnering with Sony for over a decade to create the world’s leading camera sensors for iPhone. Thanks to Ken and everyone on the team for showing me around the cutting-edge facility in Kumamoto today. pic.twitter.com/462SEkUbhi
— Tim Cook (@tim_cook) December 13, 2022
Исто така, посетата на Кук на фабриката на Sony значи дека партнерството меѓу двете компании ќе продолжи и дека ќе соработуваат во производството на идните модели на iPhone.
Sony, наводно, развил нов сензор кој користи нова полупроводничка архитектура за да „фати“ повеќе светлина и да ја намали преголемата и недоволната изложеност. Овој сензор треба да биде дел од следната генерација на iPhone, но ќе го користат и други производители на паметни телефони.