Вселенското летало Juno на NASA треба да прелета покрај светот со најмногу вулкани во нашиот Сончев Систем.
Тоа е првото од деветте прелетувања на месечината на Јупитер, Ио, што треба да ги направи во следната година и пол. Две од тие блиски средби ќе се случат на оддалеченост од само 1.500 километри.
На 5 јули, Juno сними неверојатен инфрацрвен поглед на Ио од далечина од 80.000 километри. Најсветлите точки во снимката ги покажуваат највисоките температури на месечината на која се распослани стотици вулкани, од кои некои можат да исфрлат лава десетици километри во воздухот, пишува CNN.
Дали може да има живот на Ио?
Во оваа прилика, научниците ќе се обидат да научат што е можно повеќе за мрежата на вулкани на ова активно тело и како Јупитер дејствува на нив. Ио е само малку поголема од нашата Месечина, со околу една четвртина од дијаметарот на Земјата. Плимно е заклучена, односно секогаш е свртена кон Јупитер од истата страна.
Има многу тенка атмосфера која се состои првенствено од сулфур диоксид, кој понекогаш се користи на Земјата за зачувување на сушената храна. Речиси сигурно не може да го поддржи животот каков што го знаеме, но тоа не значи дека не може да содржи некоја форма на живот што не ја знаеме.
Вселенското летало Juno орбитира околу Јупитер од 2016 година, а за време на продолжувањето на мисијата, која треба да трае до крајот на 2025 година, ги истражува фасцинантни месечини на џиновската планета. Така, во 2021 година, прелета покрај Ганимед, а на почетокот на оваа година во близина на Европа.
All eyes on lo, the most volcanic place in the solar system!
NASA’s Juno mission will get images of the Jovian moon Io this week as it explores Jupiter’s inner moons. Juno is performing double duty observing Jupiter's moons with even more flybys to come! https://t.co/eQ9q1ApKor pic.twitter.com/J32tpEKq9o
— NASA JPL (@NASAJPL) December 14, 2022
Со своите инструменти, Juno можеше да фрли поглед под ледената кора на двете месечини и да собере информации за внатрешноста на Европа, каде што многу веројатно се крие солен океан. Месечината Европа е покриена со ледена кора дебела помеѓу 16 и 24 километри, а научниците веруваат дека под неа се наоѓа океан на длабочина од 64 до 161 километар.
Месечини кои кријат океан
Податоците собрани од Juno ќе послужат како дополнителна основа за две мисии на месечините на Јупитер кои треба да бидат лансирани во следните две години: JUICE на Европската вселенска агенција и Europa Clipper на НАСА.
Вселенското летало JUICE треба да биде лансирано во април 2023 година, а потоа да помине три години истражувајќи го Јупитер и неговите три ледени месечини – Ганимед, Калиста и Европа. Се смета дека сите три месечини имаат океани под нивната ледена кора, а научниците сакаат да истражат дали океанот на Ганимед е потенцијално населив.
Europa Clipper треба да биде лансиран во 2024 година и да направи 50 блиски прелетувања на месечината на Јупитер, Европа, до 2030 година. Во исто време, експертите со голем интерес ќе проучат дали навистина има океан под кората и дали е погоден за развој на живот.