Милијардерот Елон Маск објави анкета на Twitter во која ги праша корисниците дали треба да се повлече од функцијата извршен директор на компанијата и побара да гласаат. Тој порача дека ќе ги почитува резултатите од анкетата.
Во неколку објави по анкетата, Маск посочи дека е сериозен околу повлекувањето од функцијата шеф на компанијата, но не е јасно каква ќе биде иднината на Twitter доколку тој се повлече од функцијата извршен директор.
„Како што вели поговорката, внимавајте што посакувате затоа што може да се оствари“, напиша Маск на Twitter.
Откако го купи Twitter за 44 милијарди долари и ја презеде функцијата извршен директор на крајот на октомври, Маск отпушти неколку директори и околу половина од вработените. На преостанатите работници им даде ултиматум дека „мора да работат многу напорно или да заминат“. Потоа уште илјада вработени го напуштија Twitter. Исто така, Маск ги отпушти вработените кои отворено не се согласуваа со него.
Should I step down as head of Twitter? I will abide by the results of this poll.
— Elon Musk (@elonmusk) December 18, 2022
Маск на Twitter зборуваше за слободата на говорот, поради што дозволи некои луѓе повторно да го имаат нивниот Twitter профил, како што е поранешниот американски претседател Доналд Трамп и „други луѓе кои ширеа лажни вести на социјалните мрежи“.
Во меѓувреме, брендовите почнаа да ги отстрануваат своите реклами од Twitter. Милијардерот и претходно често изјавуваше дека финансиите на Twitter се лоши, а анкетата што ја објави, како што наведуваат агенциите, можеби е показател дека Маск не е целосно задоволен од она што го прави во компанијата како извршен директор.