Иако не помина долго време од претставувањето на iPhone 14 серијата, веќе кружат гласини за iPhone 15 уредите. Една од нив вели дека Apple следната година ќе го претстави iPhone 15 Ultra, кој ќе биде замена за досегашниот Max модел. Се чини дека Apple одлучил во секоја смисла со својот најмоќен iPhone да им се споротивстави на Ultra моделите од таборот на Android. Но, тоа може да значи и значително повисока цена.
iPhone 15 Ultra следната година би требало да се издигне над сите модели на iPhone 15 и да биде најдобар, но и најскап. Оние кои ќе се одлучат да го купат овој уред, според извештаите, би можеле да издвојат значително повеќе пари отколку што е случајот со актуелниот најскап смартфон на Apple – iPhone 14 Pro Max.
Имено, најновиот извештај укажува дека iPhone 15 Ultra ќе чини дури 1.299 долари за почетната верзија. Тоа е значително зголемување од дури 200 долари во однос на почетната цена на iPhone 14 Pro Max (1.099 долари).
Во извештајот се наведува дека зголемените трошоци за производство и инфлацијата, како и потребата за одржување на профитните маржи ќе бидат главните двигатели на значително повисоката цена на iPhone 15 Ultra.
Apple наводно се соочува со опаѓачки маржи во последниве години, па зголемувањето на цената на следниот најдобар iPhone може да значи дека компанијата ги надоместува загубите.
Дополнително, се наведува дека iPhone 15 Ultra ќе пристигне со голем број нови и подобрени функции, вклучувајќи подобри материјали, како што е титаниум, кој е значително поцврст и поскап од нерѓосувачкиот челик што се користи во сегашните модели.
Наводно, телефонот ќе има минимум 256 GB внатрешна меморија, две предни камери, USB C порт, перископ камера со зголемен оптички зум итн.
Секако, останува уште многу време до претставувањето на iPhone 15 серијата, па оваа информација мора да ја земеме со одредена резерва.