Доколку овој закон навистина помине, на производителите ќе им бидат дадени три и пол години да ги редизајнираат сите нивни уреди за да им овозможат на корисниците сами да ги вадат и заменат батериите
Откако го „принудија“ Apple да дозволи инсталирање апликации од трети страни на своите уреди и воведе регулатива според која USB-C портот ќе биде задолжителен за сите уреди од 2024 година, Европскиот парламент и Советот сега расправаат за заменливи батерии во мобилните телефони и другите уреди.
Имено, постигнат е привремен договор да се донесе закон со кој ќе се бара уредите да имаат батерии кои корисникот ќе може сам да ги замени. Ова ги опфаќа батериите од речиси сите големини, од преносливи до оние што ги користат електричните скутери и велосипеди.
„Договорените правила ќе го опфатат целиот животен циклус на батеријата, од дизајнот до крајот на работниот век и ќе важат за сите видови батерии што се продаваат во ЕУ – преносни батерии, SLI батерии, LMT батерии, батерии за електрични возила и индустриски батерии, “, се вели на веб-страницата на Европскиот парламент.
Доколку овој закон навистина помине, на производителите ќе им бидат дадени три и пол години да ги редизајнираат сите нивни уреди за да им овозможат на корисниците сами да ги вадат и заменат батериите. Исто така, секоја батерија ќе мора да носи ознаки и QR кодови кои содржат информации за капацитетот, перформансите, издржливоста, хемискиот состав и симболот за посебно собирање на отпадот.
Поставени се и минимални нивоа на рециклирани материјали што може да се користат по траењето на батеријата – 16 проценти за кобалт, 85 проценти за олово, 6 проценти за литиум и 6 проценти за никел. ЕУ ќе бара и собирање на стари батерии, за да се поттикне процесот на рециклирање.
„Договоривме мерки кои ќе имаат голема корист за потрошувачите. Батериите ќе работат добро, ќе бидат побезбедни и полесно ќе се отстрануваат. Нашата севкупна цел е да изградиме посилна индустрија за рециклирање во ЕУ, особено за литиум, и конкурентен индустриски сектор како целина, што е клучно во наредните децении за енергетската транзиција и стратешката автономија на нашиот континент“, рече известувачот на Европскиот парламент, Ахил Варијати.