NASA оваа недела се подготвува со започнување на следниот чекор од мисијата на роверот Perseverance на Марс. Тоа е складирање на досега земените примероци од карпи на Црвената планета, во склоп на нивниот транспорт на Земјата.
Примероците се спакувани во мали цевки од титаниум, кои треба да бидат собрани во иднината мисија и потоа транспортирани на Земјата. Ова ќе биде значајна мисија кон патот на утврдување дали постои живот на Марс. Научниците веруваат дека тоа ќе го откријат со проучување на примероците земени од карпи и почва.
Perseverance ќе положи 10 цилиндри во истражувачката зона на кратерот. Во нив има микс од вулкански и седиментирани карпи кои роботот ги дупчеше во изминатите 15 месеци.
Во нив има и примероци од марсовската почва, како и од „воздухот“. Првата цевка со големина на прст треба да биде положена денес.
Станува збор за рамна локација наречена Three Forks, на која следните мисии ќе слетаат и лесно ќе ги соберат. Оваа колекција нема да биде примарна за испраќање на Земјата, туку станува збор за „план Б“.
NASA не сака да ризикува доколку дојде до дефект на роверот, бидејќи на тој начин примероците ќе останат заробени. Затоа, локацијата е клучна бидејќи гарантира дека колекцијата со примероци од високо научна вредност ќе биде достапна за испраќање на Земјата доколку роверот не биде во можност да ја изврши испораката.