Од земјите членки на ЕУ, единствено во Австрија мерките за осигурување на квалитетот и ограничување на вредностите на подготвените (несогорени) отпадни горива се обврзувачки за сите типови на РДФ (цврсти и течни) кои се употребуваат во инсталациите за согорување
Во Австрија, дефиницијата за „отпадни горива“ или „гориво добиено од преработен отпад“ (РДФ) е дадена во законски обрзувачката Уредба за согорување на отпад и гласи: отпад што е употребен целосно или до соодветно ниво за целите за добивање на енергија и што ги задоволува критериумите за квалитет дадени во Уредбата.
Затоа, по соодветен и опсежен (пред) третман во различни капацитети за процесирање и по примената на строго дефинирани мерки за обезбедување на квалитет, различни опасни и/или неопасни отпадни материјали од домаќинствата, трговијата и индустријата можат да се употребат како РДФ во инсталациите за согорување. Ваков вид на материјали се: тиња од прочистителни станици, отпадно дрво, висококалорични фракции од комунален и индустриски отпад, отпадни гуми, отпадни масла и искористени растворувачи.
Во потесна смисла на дефиницијата, само цврстите горива од отпад, што се прават од неопасен, сортиран или мешан оптад само во цврста состојба. (пр. фракции од комунален отпад, отпад од производство, градежен шут, отпад од пакувања и др.) и при нивната преработка се преземаат мерки за обезбедување на највисок можен квалитет, се нарекуваат СРФ (SRF – Solid recovered fuel).
Од земјите членки на ЕУ, единствено во Австрија мерките за осигурување на квалитетот и ограничување на вредностите на подготвените (несогорени) отпадни горива се обврзувачки за сите типови на РДФ (цврсти и течни) кои се употребуваат во инсталациите за согорување. Ова важи без разлика дали тие се добиени од опасни или неопасни отпадни материјали.
РДФ и СРФ се класифицирани во два кодови според Европската листа на отпад:
19_12_10: (обезбеден квалитет) согорлив отпад, односно СРФ;
19_12_12: останат отпад (вклучувајќи мешавина од материјали) од механички третман на отпад, односно РДФ.
Замена на фосилните горива во индустријата за цемент
Просечната специфична потрошувачка на топлина во цементната индустрија на земјите во Европската Унија изнесува 3770 MJ за 1 тон клинкер. Најважните конвенционални фосилни горива кои се користат во процесот на изработка на клинкер и нивната долна калориска вредност се:
- јаглен: 29400 MJ/t,
- нафтен кокс: 30760 MJ/t,
- нафта за греење: 41700 MJ/t, итн.
Дополнително, во сè поголема количина се користат материјали од кои се добива РДФ:
- отпадни гуми: 28630 MJ/t,
- животински масти и коски: 18000 MJ/t,
- искористени растворувачи: 22480 MJ/t,
- отпадни масла: 34760 MJ/t,
- СРФ: 19160 MJ/t.
За 2012-та година во цементната индустрија во земјите членки на Европската Унија, 37% од вкупната потрошувачка на енергија била обезбедена преку РДФ. Замената на фосилните горива со алтернативни горива добиени од отпад се очекува да се зголемува за 3-5% на годишно ниво во ЕУ и 1-2% годишно на светско ниво. Теоретски, дури и 100% замена во цементната индустрија на фосилните горива со алтернативни горива добиени од отпад е возможна. Тука многу важна улога играат изворниот материјал на отпадот (да има доволно висока калорична вредност) и усовршувањето на процесот.
Употреба на РДФ во индустријата за цемент
Збирно, потребните услови за употреба на горива од отпад во процесот на изработка на клинкер би биле:
- максимална температура на гасовите во ротационата печка да изнесува околу 2000°C,
- задржување на гасовите во ротационите печки од околу 8 секунди на температури повисоки од 1200°C,
- задржување на гасовите во секундарниот систем за согорување повеќе од 2 секунди на температури над 850°C.
Местото на внесување на горивото во печката е ограничено од технички причини, но и правни обврзувања:
- според Директивата 2010/75/EU за индустриски емисии, горивото од отпад мора да се согорува на температура повисока од 850°C, со минимум задржување од 2 секунди,
- суровините се загреваат постепено од нивната почетна температура од 80°C после ситнењето, до 1000°C при нивниот влез во печката, па се до температурата за синтерување од 1450°C во ротационата печка.
Мора да се напомене дека начинот на хранење на гориво во печката игра важна улога поради тоа што може да има директно влијание на емисиите. Најбезбеден начин да се направи ова е така што гасовите од согорувањето на горивото ќе поминат низ зоната со највисока температура (до 2000°C) во печката.