Заедно со новите IdeaPad лаптопи пред CES, Lenovo ја ажурираше и својата премиум линија на бизнис преносни компјутери ThinkPad X1. Станува збор за ThinkPad X1 Carbon, X1 Yoga и X1 Nano, кои добија нови Intel процесори и користат рециклирани материјали во избрани елементи од конструкцијата, а доаѓаат и во целосно биоразградливо и рециклирано пакување.
Покрај уредите, пристигнува и апликацијата Lenovo Commercial Vantage, која ги поттикнува корисниците да овозможат одредени функции кои ја намалуваат потрошувачката на енергија или го зголемуваат животниот век на компонентите. Ова вклучува OLED поставки за модели со такви дисплеи, Zero Touch Lock за заклучување на уредот кога нема никој пред него, Smart Charge за интелигентно полнење на батеријата, исклучување на позадинското осветлување на тастатурата итн.
За возврат, апликацијата Lenovo View вклучува функции базирани на камера, како што се заштита на приватноста и предупредување за приватност за да се замати содржината на екранот и да ве предупреди ако некој гледа преку вашето рамо; предупредувања за држење на телото и потсетник за здравјето на очите; функции за соработка како автоматско кадрирање, маскирање на позадина и виртуелен презентер; и подобрувања во квалитетот на сликата преку вештачка интелигенција.
Моделите се опремени со најновите Intel процесори и работат со Windows 11, а во однос на меморијата имаат додадено и до 64GB RAM во ThinkPad X1 Carbon и X1 Yoga и до 16GB во X1 Nano. Складирањето на фајлови може да биде до 2 TB PCIe 4.0 SSD.
Дисплеите се повторно со сооднос 16:10 и со спецификаии слични на минатогодишните модели. Екранит во X1 Carbon е 14-инчен OLED со резолуција до 3840×2400 со VESA True Black 500 сертификат и осветленост од 400 нита, во X1 Yoga има 14″ OLED панел со резолуција до 4K и осветленост од 500 нита, а X1 Nano користи дисплеј од 13 инчи со осветленост до 450 нита и 2K резолуција.
Достапни се и доста портови и покрај намалените димензии на куќиштето – 2 x USB-C (Thunderbolt 4), 2 x USB-A, HDMI 2.0b и приклучок за слушалки. Батеријата кај двата поголеми лаптопи е 57 Whr, а кај X1 Nano 49,6 Whr. Сите три модели ќе се појават во САД во април, а нема детали за нивната достапност во Европа. ThinkPad X1 Carbon Gen 11 ќе има цена од 1.729 долари, ThinkPad X1 Yoga Gen 8 ќе започне од 1.859 долари, а ThinkPad X1 Nano Gen 3 ќе започне од 1.649 долари.