Наскоро би можеле да видиме премиера на беспилотен товарен авион, наменет за транспорт на мали и средни товари на средно долги линии. Авионот се нарекува Black Swan, а го развива бугарскиот стартап Dronamics.
Лесен авион со средна големина, но без пилотска кабина или простор за патници, само со товарен простор и покренат од автоматика – ова е производ дизајниран и развиен од младата бугарска компанија Dronamics. Нивниот беспилотен авион Black Swan би требало да служи како „транспортно комбе“ за брза достава на пакети и изведување на други форми на логистички операции, од аеродром до аеродром, на релации долги до 2.500 километри. Целта е да се постигне брза и ефикасна логистичка врска меѓу градовите и на тој начин да се зајакне индустријата за испорака и трговија.
Црн лебед
Dronamics воедно е и првиот производител на авиони кој има лиценца за автономни летови во Европа, а за нивниот амбициозен проект минатиот месец доби 2,5 милиони евра помош од Европската комисија, како дел од пакетот на Европскиот совет за иновации. Со овие пари, компанијата ќе ја забрза работата на комплетирање на дроновите и нивниот прв лет кој е закажан за 2023 година.
Техничките спецификации на „Црниот лебед“ ги откриваат неговите предности. Би требало да биде околу 50% поевтин од споредливиот класичен карго авион. Неговата планирана носивост изнесува 350 килограми, со 3,5 m3 товарен простор, што е исто така споредливо со возилата за достава со средна големина.
Сепак, за разлика од комбето, Black Swan ќе лета на височина до 20.000 стапки (6 км), со брзини до 200 км/ч и нема да има потреба од пилот. Распонот на крилјата му е 16 метри, должината на телото е 8 метри, а дијаметарот е 1,3 метри. Може да полета и слета на која било аеродромска писта долга најмалку 400 метри. Тоа значи дека испораката во ист ден со овој беспилотен авион може да се изврши во цела Европа, поврзувајќи околу три илјади постоечки аеродроми.
Погонот е класичен, со внатрешно согорување, но моторот се напојува од биогориво, така што би требало да генерира околу 60% помалку штетни гасови од постоечките споредливи авиони. Со текот на времето, погонот треба да се префрли на синтетички горива или водород, велат од Dronamics.
Засега, компанијата има функционален намален (1/4) прототип, а леталото во целосна големина го развиваат за почеток на тестирањето следната година.