Британска потрошувачка група Which? го повика Nintendo да го реши проблемот со „залутаниот џојстик“ што продолжува да ги мачи корисниците на Switch. Резултатите од независната лабораторија на групата сугерираат дека дефект во дизајнот е причината за проблемот што ги мачи значителен дел од Switch контролорите.
„Залутан џојстик“ (stick drift) е дефект што предизвикува аналогниот стик да детектира движење кога го нема, а последицата е што ликот што гејмерите го контролираат во игрицата се движи сам по себе, што може да биде навистина досадно, особено во ситуации каде што е потребна екстремна прецизност на движење. Овој проблем не е изолиран за компанијата Nintendo, туку подеднакво ги погодува Sony и Microsoft.
Неодамнешниот тест на група потрошувачи покажа дека дизајнот на контролорите на Joy-Con предизвикува абење и кинење, што со текот на времето доведува до овој проблем, и покрај тоа што Nintendo тврди дека само мал процент од корисниците пријавуваат нешто погрешно.
Повик од групата Which? вклучува барања компанијата да спроведе независна истрага за „залутаниот џојстик“, да понуди бесплатни поправки на засегнатите корисници и да ги надомести корисниците кои морале да купат нови контролери поради проблемот. Which? е само уште една група на потрошувачи во низа која упатува сличен апел до Nintendo.
Потрошувачите покренаа повеќе тужби против јапонскиот гигант поради „залутаниот џојстик“, вклучително и групна тужба. Европската потрошувачка агенција (БЕУЦ) повика да се отвори истрага за проблемот, аеден сервис за поправки во април за Kotaku изјави дека се „константно преоптоварени“.