Почетокот на сериското производство на првиот водороден теренски автомобил се подготвува за 2023 година, а BMW ќе ја одржи презентацијата напролет
Иако се уште не е јасно дали автомобилите напојувани со водородни горивни ќелии ќе бидат пуштени на пазарот, германската корпорација BMW продолжува со производство на ограничени серии на својот „водороден“ модел BMW iX5.
Склопувањето на возилата за тестирање со погон на водород се одвива во Центарот за истражување и иновации (ФИЗ) во Гархинг, северно од Минхен.
Тоа е првото теренско спортско корисно возило (SUV) опремено со технологија на водородни горивни ќелии, кое веќе помина низ интензивна програма за тестирање.
Моделот ќе биде претставен од пролетта 2023 година во некои региони како пример дека е можно да се вози автомобил кој не испушта штетни емисии на јаглерод диоксид во атмосферата.
„Водородот е универзален извор на енергија кој игра клучна улога во процесот на постигнување климатска неутралност“, забележува Френк Вебер, член на управниот одбор на BMW и шеф на одделот за развој на корпорацијата. „Убедени сме дека во иднина водородот ќе игра многу посуштинска улога во нашата мобилност.
BMW ја гледа својата технологија на водородни горивни ќелии како корисна комплементарна алтернатива на стандардните електрични автомобили. Ова е особено точно за клиентите на корпорацијата од региони кои сè уште немаат доволно станици за полнење на електрични возила.
Горивната ќелија генерира електрична енергија преку хемиска реакција. Не се исцрпува и не бара полнење, пишува ДПА и додава дека водородот може да се користи и кај класичните мотори со внатрешно согорување.
Фабриката на BMW во САД ги снабдува основните автомобили за моделот „водород“, кој е развиен на платформата BMW x5. Тие се опремени со нова подна конструкција која овозможува да се вградат два резервоари за водород.
Електричните системи од 12 и 400 волти специфични за моделот, батеријата со висока ефикасност, електричниот мотор и горивни ќелии се интегрирани во склопот на автомобилот со стандардните автомобилски делови.
Електричниот мотор на моделот е базиран на технологијата BMW eDrive од петтата генерација, која се користи и во електрични и во plug-in хибридни модели.
Речиси е сигурно дека доаѓа се помасовно користење на камиони и автобуси на водород, но со недостигот на енергија и зголемувањето на цените на електричната енергија, употребата на овој вид гориво во приватните автомобили е сè поверојатно, забележува ДПА.