Проверувањето на социјалните мрежи може да не спречи да западнеме во состојба на длабока здодевност, што според тврдењето на научниците е голема штета.
Сите ние од време на време запаѓаме во здодевност и таа додека чекаме автобус на станица или во ред на шалтер е само површна. Сепак, овие почетни чувства со време може да се разбудат и да прераснат во нешто друго, тврдат научниците.
„Длабоката здодевност можеби звучи како многу негативен концепт, но таа всушност може да биде многу продуктивна ако на луѓето им се даде шанса за непречено размислување и развој“, објаснува социологот Тимоти Хил од Универзитетот Бат во Велика Британија.
Длабока досада и креативност
За да го истражат овој концепт стар околу 100 години, Хил и неговите колеги ги истражиле животите на 15 луѓе кои добиле платен одмор или работеле од дома во текот на пандемијата на коронавирусот. Возраста, професијата и образованието варирало меѓу учесниците, а сите се воделе однапред осмислени интервјуа кои имале за цел да ги испитаат нивните чувства.
На основа на податоците кои ги добиле, било забележано дека здодевноста се јавува често, но дека кај оние кои ја доживеале подлабоко предизвикала чувство на немир и празнина. Сето тоа резултирало со повторен обид таа празнина да се пополни преку хобија како што е столарство, готвење или велосипедизам.
Меѓутоа, главниот проблем во овој процес претставува проверувањето на социјалните мрежи кои со својата содржина можат да ја ублажат површната здодевност и на тој начин да спречат запаѓање во подлабоки чувства, а со самото тоа и откривање на скриени таленти и страсти. Други истражувања исто така сугерирале дека здодевноста и лутањето на слободниот ум се клучни основи за креативност, поради што многу добри идеи ни доаѓаат додека сме под туш.
Истражувањето е објавено во „Marketing Theory“.