Истражувачи од „Принстон“ најдоа начин да го претворат вашиот појадок во нов материјал кој може да ги отстрани солта и микропластиката од морската вода.
Истражувачите користеле белки од јајце за да создадат аерогел – лесен и порозен материјал кој може да се користи на многу начини, вклучувајќи и филтрација на вода, складирање енергија и звучна и топлотна изолација.
Професорот Крег Арнолд од „Принстон“ работи на создавање нови материјали, вклучувајќи и аерогели, за примена во инженерството. Еден ден додека гледал во лебот од неговиот сендвич, помислил дека токму таква структура му е потребна, па им кажал на членовите на неговиот лабораториски тим да направат различни рецепти за леб со јаглерод за да видат дали можат да ја создадат структурата на аерогел што ја барал. На почетокот ниедна не функционирала, па тимот елиминирал состојки додека на крајот не останале само белки од јајца.
– Почнавме со посложен систем и само редуциравме, редуциравме, редуциравме, додека не дојдовме до јадрото. Тоа беа протеините во белкие кои беа водечки за структурата што ни требаше – истакнува Арнолд.
Белките се сложен систем од речиси чист протеин кој кога ќе се исуши со замрзнување и ќе се загрее на 900 Целзиусови степени во околина без кислород, создава структура на поврзани нишки од јаглеродни влакна и листови од графен. Во труд објавен во август Арнолд и коавторите покажале дека материјалот може да ги отстрани солта и микропластиката од морската вода со ефикасност од 98 и 99 отсто, соодветно.
– Белките функционираа дури и ако се пржени или матени – истакна Сехмус Озден, прв автор на трудот.
Тој додава и дека иако на почетокот биле користени јајца од маркет, други слични комерцијално достапни протеини ги дале истите резултати. Поради тоа што и други протеини функционирале, материјалот може потенцијално да се произведува во големи количини релативно евтино. Озден истакнува дека следен чекор за истражувачите е пречистување на процесот на изработка за да може да се користи во прочистување на водата на поголемо ниво.
Ако тој предизвик може да се реши, материјалот носи значајни бенефити бидејќи е евтин, енергетски ефикасен и ефикасен.