Samsung Display разви нов прототип наречен Flex Hybrid, кој има механизам за преклопување и лизгање.
Иако екраните на преклопување се достапни на пазарот веќе неколку години, а екраните на одмотување сѐ уште се во прототип фаза, компанијата Samsung Display веќе размислува за решенија кои ќе се најдат во идните телефони, таблети и лаптопи, а штотуку ја претстави технологија која ги комбинира претходните иновации – Flex Hybrid OLED, екран што се витка и се одмотува.
Компанијата, која оваа технологија ќе ја прикаже во живо на претстојниот саем CES 2023 во Лас Вегас, сподели фотографии кои покажуваат како изгледа и функционира Flex Hybrid OLED, со идеја екранот прво да се отклопи, а потоа да се одмота за да се прошири работната површина.
Samsung Display ја подели оваа технологија во две категории – Flex Slidable Solo и Flex Slidable Duet – така што, во зависност од верзијата, екранот ќе се одмотува на еден или два раба. На пример, кај екранот Solo прикажан е уред на преклоп кој со одмотување на десниот раб го проширува својот внатрешен екран од 10,5 инчи (4:3) на 12,4 инчи (16:9), а на примерот на екранот Duet, можеме да видиме како екранот од 14 инчи се проширува на 17,3 инчи.
Се разбира, не треба да очекуваме наскоро на пазарот да видиме уреди кои ги користат овие екрани, но секако ќе биде интересно да видиме каде ќе нѐ однесе оваа технологија.
На CES 2023 Samsung ќе ја дебитира и својата QD-OLED технологија на панели за телевизори и монитори, која треба да го донесе контрастот на OLED, односно осветленоста и колоритноста на QLED екраните. Очекуваните дијагонали се 34, 55, 65 и 75 инчи или 49 инчи во ултра-широк формат.