Samsung го искористи CES 2023 саемот за премиера на интересни монитори од ViewFinity серијата и нов модел на Smart Monitor.
ViewFinity S9 (S90PC) за прв пат се одликува со 27-инчен панел со 5К резолуција и е оптимизиран за професионалци како графички дизајнери и фотографи. Тој нуди резолуција од 5120 x 2880 пиксели, покрива 99% од DCI-P3 опсегот на бои и обезбедува детали и репродукција на бои со висока точност.
Мониторот вклучува технологија за калибрација која им овозможува на корисниците да го приспособат балансот на белата боја, гама и RGB балансот на бои користејќи ги нивните паметни телефони и апликацијата Samsung Smart Calibration. Екранот има мат финиш за да се намали отсјајот.
Корисниците можат да поврзат камери и други уреди на мониторот преку USB-C и Thunderbolt 4 за лесно да префрлаат големи фајлови од надворешни медиуми на нивните компјутери. ViewFinity S9 серијата доаѓа и со 4K SlimFit камера и поддржува видеоконференции преку апликации како Google Meet.
Smart Monitor M8 (M80C) сега доаѓа во големина од 27 инчи како дополнение на постоечките 32-инчи, двата 4К резолуција. Уредот е достапен во четири бои – сина, зелена, розова и бела. Држачот овозможува да се промени висината, а покрај тоа, сега поддржува ротирање на мониторот за 90 степени.
Мониторот може да контролира повеќе паметни домашни уреди преку интегрираниот центар SmartThings, а подоцна ќе добие поддршка за Matter и стандардите на Home Connectivity Alliance. Вклучена е контрола на глувчето на многу од вградените апликации, вклучувајќи ги SmartThings и Smart Hub. Корисниците добиваат и пристап до апликациите Prime Video, Netflix, YouTube и повеќе преку Smart Hub, а достапен е и Samsung Gaming Hub.
Нова е функцијата My Contents, која прикажува различни информации како фотографии, личен распоред итн. на мониторот додека е во режим на stand by – ова се прави со пронаоѓање на телефонот на корисникот преку Bluetooth LE. Вградената камера SlimFit е надградена до 2K резолуција и сè уште помага при видео конференции.