Меѓународниот конзорциум на производители на автомобили Stellantis денеска на Саемот за електроника CES 2023 во Лас Вегас објави дека ќе произведува електрични летала развиени од американската компанија Archer, наменети како летачки такси возила.
Stellantis, чиишто водечки компании-членови се Peugeot, Citroen и Jeep ќе му даде до 150 милиони долари на Archer за тн. авион со вертикално полетување и слетување (е-ВТОЛ), што ќе може да превезува четворица патници и пилот. Под називот „Миднајт“, леталото изгледа како мал авион со неколку ротори на крилата и е наменет за патувања од околу 30 километри со време на полнење на батеријата од само околу 10 минути меѓу патувањата.
Двете групи веќе склучија партнерство во 2021 година, кога Stellantis му пружи техничка помош на Archer и пристап до синџирот на снабдување.
Stellantis овојпат се очекува масовно да го произведува малото такси-летало, како ексклузивен производител со договор, во фабриката на Арчер во Ковингтон, Џорџија, во источниот дел на САД.