На крајот на декември беше објавено дека Samsung ќе ја претстави Galaxy S23 серијата на 1. февруари. Оваа информација доби неочекувана потврда од самата компанија, откако на сајтот на колумбиската дивизија на Samsung се појави страница за Galaxy Unpacked настан од 1 февруари.
Страницата подоцна беше отстранета (еве копија) и иако не ја спомнува Galaxy S23 серијата, логично е да се претпостави дека се работи за овие уреди. Појавувањето на информацијата најверојатно е резултат на грешка, но очекуваме компанијата многу наскоро официјално да го објави настанот.
Очекуваме серијата повторно да има три модели – Galaxy S23, Galaxy S23+ и Galaxy S23 Ultra. Досега протекоа информации дека со мали одредени промени, компанијата пак ќе се обложи на познатиот дизајн и објавената фотографија тоа и го потврдува. Се верува дека новите уреди ќе користат Snapdragon 8 Gen 2 чипсет во сите региони.