Прототип на ветерна турбина од 15 мегавати е официјално најголемата функционална ветротурбина во светот, а на крајот на минатата година ги произведе првите киловат-часови.
По речиси две години развој, данскиот производител на ветерни електрани, Vestas Wind Systems на прво тестирање го пушти својот нов производ. Моделот на ветерна турбина V236 моментно е најголемиот во светот, со што го надмина досегашниот рекорден модел на General Electric. Првите киловат часови овој систем ги произведе во последните денови од минатата година.
Енергија за 20 илјади домови
V236 може да се пофали со лопатки долги 115,5 метри, кои ќе зафатат површина од дури 43.743 m2 при вртење. Вкупниот дијаметар на роторот е 236 метри, а неговата турбина е поставена на височина од 280 метри, така што највисоката височина што ја достигнуваат сечилата на оваа ветерница ги надминува и Ајфеловата кула и Емпајер Стејт Билдинг.
Само една ветерница така ќе има инсталирана моќност од 15 мегавати и ќе може да произведува околу 80 GWh годишно. Производителот наведува дека тоа е доволно за напојување на 20 илјади просечни европски домаќинства и дека ја намалува количината на емисија на CO2 за околу 38 илјади тони годишно.
Vestas моментно го тестира овој прв прототип во својот тест парк Østerild National во северозападниот дел на Данска, а нивната цел е да ги завршат тестовите и да започнат со сериско производство на овие гигантски ветерници. Велат дека веќе имаат нарачки за него, со вкупна инсталирана моќност од над 8 GW на пет различни пазари. Моделот V236 е наменет за инсталација на офшор системи за ветерна енергија, каде што може значително да го намали бројот на ветерни турбини потребни за да се постигне истата генерирана моќност.