Lenovo ThinkPad by Motorola го има препознатливиот дизајн на лаптопите ThinkPad, како и функцијата за синхронизација Think 2 Think
На најголемиот саем за потрошувачка електроника, CES 2023 во Лас Вегас беше претставен Lenovo ThinkPhone by Motorola, паметен телефон кој вешто го „позајми“ дизајнот од популарните лаптопи ThinkPad. Некои би рекле – ThinkPad во мало издание.
ThinkPhone доаѓа со 6,6-инчен OLED екран со резолуција од 2.400 x 1.080 пиксели и брзина на освежување од 144 Hz. Го красат релативно тесни рамки, кои помагаат при прегледување на содржината, а за уште подобар квалитет има поддршка за HDR10+. Од удари и гребнатини го штити Corning Gorilla Glass Victus, а ги поседува и сертификатите IP68 и MIL-STD 810H, па смартфонот би требало да преживее потопување во вода и пад од 1,25 метри.
Уредот го покренува Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет, поврзан со 8 или 12 GB RAM и 128 GB, 256 или 512 GB простор за складирање, кој не може да се прошири со microSD картичка. Иако не се работи за моментно најмоќниот чипсет на Qualcomm, перформансите на телефонот се на доста високо ниво, како при извршување на тешки задачи, така и при играње различни мобилни видео игри.
ThinkPhone има главен сензор од 50 мегапиксели со отвор на бленда f/1,8 на задната страна, кој може да се пофали со PDAF и OIS. Покрај него се наоѓа малку послаб ултраширок сензор од 13 мегапиксели со Macro Vision функција и сензор за длабочина од 2 мегапиксели. Предна камера од 32 MP со автоматски фокус се наоѓа во отворот на екранот. Смартфонот има батерија од 5.000 mAh со поддршка за жично полнење од 68 вати и безжично полнење од 15 вати. На задоволство на корисникот, во кутијата доаша и полнач.
Врската помеѓу ThinkPad лаптопот и ThinkPhone е токму тоа – дизајнот. Имено, овој паметен телефон доаѓа во препознатливата Carbon Black боја и има црвено копче од левата страна, кое може да се прилагоди според желбите на корисникот. За да се интегрира со популарната линија робусни лаптопи, тука е Think 2 Think поврзувањето, којевсушност се базира на функцијата Ready For на Motorola.
Think 2 Think им овозможува на корисниците да го синхронизираат ThinkPhone со ThinkPad и лесно да префрлаат копиран текст, фотографии, документи и фајлови. Достапен е и преглед на известувањата, отворање на Android апликации на далечина и користење на мобилниот телефон како веб-камера. ThinkPhone доаѓа со прединсталираните Microsoft 365, Outlook и Teams апликации, па може да се заклучи дека е направен првенствено за деловни корисници.
Lenovo ThinkPhone by Motorola ќе пристигне на европскиот пазар во следните неколку месеци. Цената се уште не е позната.