Apple планира да објави неколку верзии на сопствени дизајнирани процесори за преносни и десктоп Mac компјутери во текот на 2023 година. Станува збор за процесори со високи перформанси, а меѓу нив е и третата генерација од M серијата – Apple M3. Станува збор за процесор кој ќе ја наследи постоечката линија на Apple M2 модели и според првите информации кои пристигнуваат, претстојниот чипсет ќе биде изработен во голем број варијанти на чипсети за различни намени, од оние за најтенките и најекономичните уреди до процесори кои ќе работат на најбрзите компјутери на Apple.
Иако временската рамка за објавувањето во втората половина од годината не наведува конкретен датум, инсајдерот @appleakation предвидува дека во тој период од тековната година би можеле да очекуваме излегување на подобрените MacBook Air модели. Засега не сме сигурни дали Apple има намера да ги подобри MacBook Pro моделите со новиот M3 процесор, а сигурно ќе дознаеме во наредните месеци, пренесува wccftech.
M3 coming second half of 2023
— Bob (@appleakation) December 9, 2022
Кон крајот на минатата година беше објавено дека Apple го завршил процесот на развој и дизајн на новата генерација M3 процесори со специјално дизајниран силициум, чие излегување се очекува текот на летото оваа година. Со оглед на тоа што постојните модели на MacBook Air претрпеа редизајн и добија М2 чип минатото лето, се претпоставува дека Apple би можел да организира сличен настан во текот на четвртиот квартал од новата година за да ги претстави подобрените модели за 2023. Голема е веројатноста дека Apple би можел да го користи истиот дизајн и во случајот на актуелниот модел, но постои можност да се претстави и поголема верзија со екран од 15,5 инчи.
Според претпоставените планови на споменатиот инсајдер, M3 процесорите ќе пристигнат дури откако Apple ќе ги објави верзиите M2 Pro и M2 Max од актуелната генерација за претстојните MacBook Pro лаптопи од 14 и 16 инчи. Поради тоа, сметаме дека компанијата од Купертино најпрвин ќе го претстави A17 Bionic за iPhone 15 Pro моделите, па потоа во октомври ќе го лансира М3 чипот со неколку нови Mac компјутери. Двата процесора ќе користат TSMC технологија од 3 nm за изработка на транзистори со подобри перформанси. Колку е тоа подобро, можеби најдобрата претпоставка ја дава Марк Лиу, директор на компанијата TSMC, кој изјави дека подобрениот процес на производство на транзистори од 3 nm ќе донесе 35% подобра енергетска ефикасност на новата генерација чипови. Помалата потрошувачка, од друга страна, отвора други можности за подобрување и унапредување на перформансите во форма на повисок работен такт итн.