Компанијата Honor се подготвува да ја претстави својата нова флегшип серија паметни телефони. Ќе го носи името Honor Magic 5, а се очекува серијата официјално да биде претставена до крајот на овој месец на кинескиот пазар. Пред претставувањето на телефонот, Honor Magic 5 се појави во рендери, кои го открија изгледот на задниот дел на телефонот.
Honor Magic 5 ќе има импресивни спецификации. Фотографиите на уредот покажуваат дека тој ќе има огромен кружен модул на задната страна во кој ќе бидат сместени три камера сензори. Овие три камери се распоредени во форма на триаголник, додека под нив се наоѓа LED блиц. Еден од сензорите е перископ телефото објектив. Во модулот е сместен и натпис 100X, што значи дека телефонот ќе пристигне со поддршка за 100x зум.
На десната страна на телефонот има копче за вклучување и исклучување на уредот и копче за контрола на јачината на звукот. Уредот е претставен на фотографиите во четири бои – бела, црна, розова и сина.
Извршниот директор на Honor, Жао Минг претходно изјави дека серијата Honor Magic 5 ќе пристигне со премиум спецификации. Според засега непотврдени информации, телефонот ќе се напојува со моментно најмоќниот чип на американскиот Qualcomm – Snapdragon 8 Gen 2.
Телефонот ќе пристигне со OLED екран од 6,8 инчи, кој ќе има поддршка за PWM затемнување, а ќе има и стапка на освежување на екранот од 120 Hz. Дополнително, се вели дека Honor Magic 5 пристигнува со поддршка за брзо полнење од 100 W, како и за безжично полнење од 50 W.
IP68 сертификатот исто така ќе биде една од карактеристиките на овој телефон. Се очекува да се испорача со Android 13.