Со новата инвестиција, Пакомак дополнително ја зајакнува инфраструктурата со 30 нови вендинг машини
Со цел поддршка и поттикнување на граѓаните во селекцијата на амбалажниот отпад Друштвото за постапување со амбалажен отпад Пакомак деновиве постави девет нови софистицирани вендинг машини во Веро Супермаркетите. Станува збор за дел од нова инвестиција која ќе вклучува вкупно 30 повратни вендинг машини за амбалажен отпад. Останатите ќе бидат поставени во февруари на различни локации низ земјава.
Првите повратни вендинг машини, кои беа поставени на неколку одбрани локации пред околу една година, веќе се во функција и истите ќе бидат поставени во неколку Основни училишта со цел едукација на најмладите за селекција на отпадот. Со новата инвестиција, Пакомак дополнително ја зајакнува инфраструктурата со 30 нови вендинг машини.
Предвидувањата се дека со поставување на новите 30 машини, кои се побрзи, поедноставни за користење и со поголем капацитет, ќе може и полесно да се остварат поставените национални еколошки цели.
„Ако оставиме пластичните шишиња и алуминиумските лименки да се депонираат на депонија, ризикуваме дополнително загадување на животната средина, а доколку се соберат со вендинг машините тие може да генерираат приход за населението и бенефити за самата општина. Затоа со овој проект, што е поддржан од Швајцарската Амбасада, покрај тоа што поставуваме машини, ги едуцираме и стимулираме општините дека и тие треба да ги охрабрат своите граѓани да ги користат овие машини“, вели Ико Брдароски, Менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.
Повратните вендинг машини претставуваат технологија која овозможува софистициран начин на собирање на отпадот. Тие истовремено служат како стимулација за населението да ги селектира пластичните шишиња и лименките, благодарение на нивниот систем за наградување на собирачот. Овие машини се синхронизирани со мобилната апликација Екомак, преку која се собираат наградните „зелени поени“, кои потоа можат да се искористат за купување ваучери и производи.