Од руското вселенско летало Soyuz, кое е прикачено на Меѓународната вселенска станица (МВС), почна да истекува течност за ладење минатиот месец, покренувајќи прашања за тоа дали е безбедно за астронаутите да се вратат на Земјата со него. Сепак, вселенските агенции Роскосмос и НАСА сега имаат решение.
Ќе биде испратено заменско летало за да ги собере американскиот астронаут Френк Рубио и руските космонаути Сергеј Прокопјев и Дмитриј Петелин, а достапна опција е и капсулата Crew Dragon од SpaceX.
Роскосмос планира да испрати заменски вселенски брод Soyuz, означен како МС-23, на МВС, кој треба да биде лансиран на 20 февруари за да може екипажот да го искористи за да се врати на Земјата. Оваа мисија требаше да се изврши во март за да се испрати нов екипаж, но сепак леталото ќе биде лансирано порано и без екипаж.
НАСА го нарекува новиот Soyuz „заменско вселенско летало“, а не „спасувачко“ и нагласува дека екипажот на МВС е целосно безбеден.
Истекувањето на течноста за ладење од Soyuz додека е закачен на МВС беше фотографирано со камера на роботската рака на станицата, а видливи се оштетувања на ладилникот на Soyuz, како и на цевката за снабдување со течноста за ладење. Доколку на леталото би снемало течност за ладење, враќањето на Земјата би било опасно бидејќи температурата достигнува високи нивоа за време на патувањето до дома.
Кога новиот Soyuz ќе пристигне на МВС, астронаутите ќе ја преместат опремата од старото вселенско летало. После тоа, тие ќе го започнат своето патување кон Земјата. Исто така, стариот Soyuz ќе биде вратен дома, но без екипаж, а потоа темелно ќе се прегледа за да се утврди штетата и нејзините ефекти врз перформансите.
Вториот план вклучува употреба на вселенското летало Crew Dragon. НАСА е во контакт со SpaceX, но ова сценарио е помалку веројатно.
Што се однесува до причината за оштетувањето на Soyuz, истрагата покажа дека не станува збор за технолошки проблем или грешка при производството. Сепак, ова не е првпат Soyuz да има проблем со истекување, бидејќи истото се случи во 2018 година. Во тоа време, Роскосмос тврдеше дека се работи за саботажа, а не за производствен дефект.
Многумина веруваа дека вистинската причина за штетата е всушност удар на микрометеороиди, особено затоа што се случил за време на метеорскиот дожд Геминиди кога Земјата минувала низ полето со остатоци во својата орбита. Меѓутоа, во овој случај, Роскосмос ја отфрла таквата можност бидејќи штетата е на различна локација во однос на насоката на метеорскиот дожд.