Како што соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), за првите девет месеци лани во осигурување со штедна компонента граѓани вложиле 13,4 милиони евра,а во ризико осигурување 6,7 милиони евра. Заклучно со третиот квартал вкупната актива на петте друштва за осигурување живот, кои се солидно капитализирани, изнесува 180 милиони евра.
Вкупно 297.559 граѓани го осигурале животот заклучно со крајот на септември 2022 година. Во осигурување живот за овој период се вложени 1,56 милијарди денари (25,4 мил.евра), покажуваат податоците кои петте компании за осигурување живот ги доставија до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Бројот на осигуреници кои имаат животно осигурување заклучно со третиот квартал во 2022 година пораснал за речиси 55.000 односно 22,5 отсто за период од една годинаОфицијалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има осигурителниот продукт популарно познат како ризико осигурување. Со него во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Ризико осигурување на крај на септември 2022 година имале над 237.000 лица што е за 52 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година. Причина за раст на продажбата за ризико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити кои ги имаат осигурениците.
Од сите договори за осигурување живот над 48.300 се со штедна компонента . Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Продажбата на овој осигурителен продукт бележи благ пад од 4 отсто во споредба со претходната година. Вкупно за овој период во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 828,1 милиони денари (13,3 мил.евра)
Најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар е популарно нареченото „јунит линкд“ осигурување. Кај овој осигурителен производ ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот, а значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. За првите девет месеци лани во овој продукт 11.800 граѓани вложиле 318,8 милиони денари (5,2 мил.евра).
Во овој период во продажбата на животно осигурување учествуваат пет осигурителни компании. „Кроација осигурување“ учествува со 31 отсто, „Граве“ со 22 отсто, „Винер лајф“ со 18 отсто, „Триглав осигурување – живот“ со 17 отсто и „Уника лајф„ со 12 отсто.
Компаниите за осигурување живот во првите девет месеци во 2022 годинава исплатиле вкупно 484,8 милиони денари (7,9 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или ако осигуреник починал.
Петте друштва за осигурување на живот имаат силно влијание на одржување на финансиската стабилност на осигурителниот пазар. Вкупната актива на овие компании на крај на трет квартал лани изнесува 11 милијарди денари (179,6 мил.евра) што претставува 36 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании.
АСО во рамки на своите надлежности се грижи да обезбеди проверка на усогласеноста на применетите деловни политики на вреднување на обврските, како и видовите на вложувања и вреднувањето на средствата на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување се усогласени со овие законски барања, во континуитет.
Средствата од техничките резерви и од капиталот на друштвата за осигурување на живот се вложени во сигурни пласмани, со многу низок ризик од загуби, и со солидни приноси.
Друштвата за осигурување на живот се солидно капитализирани, средствата од капиталот се од најквалитетни категории на извори на основен капитал, овозможувајќи им добра заштита од неизвесности и неочекувани ризици по континуитетот во работењето.