Неколку недели пред очекуваната премиера на Galaxy S23 серијата на 1 февруари, Samsung претстави нов сензор од 200 MP, кој би можел да биде дел од Galaxy S23 Ultra. Компанијата не откри во кои уреди ќе го видиме, но објави дека е наменет за премиум смартфони, а неговото масовно производство веќе започна, што сугерира дека речиси сигурно ќе го видиме во Galaxy S23 Ultra.
Сензорот е наречен ISOCELL HP2, има оптички формат од 1/1,3″ и вклучува 200 милиони пиксели со големина од по 0,6 микрометри. Од компанијата истакнуваат дека неговата големина е иста како и сегашните сензори од 108 MP, па затоа неговата употреба нема да доведе до зголемување на површината на камерата.
Уредот вклучува и технологија за комбинирање на пиксели Tetra2pixel, која може да симулира различни големини на пиксели според условите за фотографирање. На пример, во темница, 50 MP (1,2 микрометарски пиксели) или 12,5 MP (2,4 микрометри) се добиваат со комбинирање на 4 до 16 соседни пиксели. Кога снимате 8K видео, HP2 се префрла во режим од 50 MP (1,2 микрометар) за да го намали сечењето на кадрите и да сними повеќе од сцената.
Samsung ветува подобрено прикажување на бои и намалена прекумерна експозиција во светли услови, што се постигнува преку технологијата Dual Vertical Transfer Gate (D-VTG), овозможувајќи му на секој пиксел да задржи повеќе светлосни електрони, со што се зголемува ефикасноста на преносот на сигналот.
Во темни услови, HP2 нуди подобрен автофокус преку технологијата Super QPD, која овозможува користење на сите 200 милиони пиксели за фокусирање. Пикселите се групирани по 4 за да се детектираат вертикални и хоризонтални промени за побрз и попрецизен автоматски фокус.
Подобрувања има и во HDR режимот, кој се постигнува преку употреба во режим од 50 MP на функцијата DSG, која применува две различни вредности на конверзија на примените аналогни сигнали на ниво на пиксели. Дополнително, присутен е и Smart-ISO Pro, кој комбинира различни нивоа на ISO од една експозиција, овозможувајќи и на камерата да снима фотографии од 12,5 MP и видео со 4K @ 60 fps во HDR.