Претходните научни студии покажаа дека некои лекови може да стигнат до мозокот преку носот патувајќи по нервните клетки кои детектираат мирис
Мозокот има природна моќ на регенерација, но за да се види како делува по мозочниот удар, потребно е да се отстранат процесите кои го инхибираат, истакнуваат швајцарските научници во новата студија. Тоа го постигнале со употреба на лекот во посебна форма.
Најновата научна студија спроведена на стаорци покажа дека лековите за ублажување на ефектите од мозочниот удар можат ефикасно да се внесат во мозокот со вбризгување во нос.
Внесувањето големи молекули на лекови во мозокот долго време се смета за еден од клучните медицински предизвици. Повеќето од таквите соединенија не можат да стигнат до мозокот во големи количини бидејќи ѕидовите на крвните садови во мозокот се многу непропустливи, односно создаваат нешто познато во медицината како крвно-мозочна бариера, пишува „Њу саентист“.
Претходните научни студии покажаа дека некои лекови може да стигнат до мозокот преку носот патувајќи по нервните клетки кои детектираат мирис, бидејќи тие имаат долги влакна кои се протегаат од носните шуплини до мозокот. Но, останува нејасно дали доволно од овие молекули можат да стигнат до мозокот за целата приказна да биде од медицинска корист за пациентот.
За да дознае, Мартин Шваб од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих и неговите колеги тестирале назална испорака на антитела кои го блокираат соединението во мозокот наречено Ного-А кое нормално го инхибира растот на мозочните клетки. Нивната студија е објавена во научното списание PNAS.
Швајцарските научници најпрво ги имитираа ефектите од мозочниот удар кај стаорците со тоа што го прекинаа протокот на крв во делови од нивниот мозок. Тоа значело дека животните станале понесмасни во координацијата и движењето и тешко доаѓале до храна бидејќи морале да поминат низ дупка за да го направат тоа.
Стаорците на кои им се даваше назален спреј со антитела еднаш дневно во текот на две недели се подобрија на околу 60 отсто од нивните претходни перформанси четири недели по вештачки предизвиканата повреда. Кај животните кои примиле плацебо, подобрувањето било околу 30 проценти.
Кога тимот на Шваб го испитувал мозокот на стаорците, открил дека на третираните стаорци им растеле повеќе нови нервни влакна.
Достигнавме ниво на антитела кои се ефикасни во поправка на големи лезии од мозочен удар. Третманот покажува дека има природна регенеративна моќ во мозокот и само треба да ги тргнете сопирачките за да дозволите тоа да се случи, вели Шваб.
Сепак, независниот експерт Моин Могими од Универзитетот во Њукасл во Велика Британија, истакнува дека иако секој начин на внесување лекови во мозокот би бил многу корисен, најновата студија всушност не нуди докази дека антителата стигнале до мозокот патувајќи низ нервите, бидејќи можеле да се апсорбираат од носот во крвотокот, од каде мали количини можеле да стигнат и до мозокот, пишува „Њу саентист“.