Корисниците на iPhone веќе можат да ја преземат новата верзија на iOS, која меѓу другото, донесува и поддршка за новата генерација на HomePod
Како што претходно беше најавено, овој вторник Apple објави нова верзија на својот мобилен оперативен систем, iOS 16.3, кој е веќе достапен на секој поддржан iPhone.
Имено, новата верзија на iOS доаѓа со поддршка за безбедносни клучеви (Security Keys) за Apple ID, што овозможува физичка двофакторна автентикација при пријавување на одредени сервиси на Apple и го заменува дигиталниот. Дополнително, претставена е и нова Unity позадина, како и поддршка за неодамна претставената втора генерација на HomePod.
Услугата за итни случаи SOS исто така е подобрена, па сега корисниците можат да ја активираат со долго притискање на копчето за зголемување или намалување на јачината на звукот и потоа отпуштање. Според Apple, ова треба да ги спречи случајните повици, кои се случиле во забавните паркови и скијачките центри.
iOS 16.3 донесува и различни поправки на багови, па отстранети се проблемите поради кој Siri не одговара правилно на барањата за музика, „поцрнувањето“ на позадината на заклучениот екран и привременото појавување на хоризонтални линии при вклучување на iPhone 14 Pro Max.
Корисниците на iPhone кои не добија известување за ново ажурирање на системот може рачно да го надградат со одење во Settings, а потоа кликнување на General and Software Update.