Ново истражување покажува дека мравките можат да детектираат канцерогени тумори благодарение на нивните силни рецептори за мирис.
„Мравките можат да се користат како биодетектори за да разликуваат здрави индивидуи од оние што имаат тумор. Тие се лесни за тренирање, брзо учат, ефикасни се и не се скапи за чување“, објаснува Патриција Д’Етор, коавтор на истражувањето и научник од Универзитетот „Сорбон Париз Норд“.
Водечкиот автор на истражувањето, Баптист Пикере, етолог од Универзитетот „Сорбон Париз Норд“, и неговиот тим почнале со ксенографирање на тумори на рак на дојка кај глувци, дозволувајќи им да се развијат. Потоа зеле примероци од урина од здрави глувци и глувци со тумор.
За време на истражувањето, научниците изложиле 70 мравки (formica fusca) на примероци од урина од здрави глувци и оние со тумори. По три испитувања, мравките успеале да го разликуваат мирисот на урината на здравите глувци од оние со рак. Најновото истражување се надоврзува на претходната студија на д-р Патриција и нејзините колеги, која покажа дека мравките можат да „намирисаат“ човечки канцерогени клетки одгледувани во лабораторија.
„Успеавме да ги научиме да поврзат одреден мирис, односно урината на болните глувци. Покажавме дека можат да разликуваат урина на здрави глувци од урина на глувци со тумор. Бевме изненадени колку мравките се ефикасни и сигурни“, изјави д-р Патриција.
Во следната фаза од истражувањето научниците ќе истражат дали мравките можат да го направат истото со човечка урина. Претходните истражувања покажаа дека кучињата, доколку се обучени, можат да откријат рак во урината. Исто така, постојат електронски уреди кои можат да откријат одредени видови рак – како што се ракот на мочниот меур, дојката или на простатата – од примероците на урината.