Менаџерите на продукција, односно директорите на филм се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа и можат да се пријават на конкурсот на Министерство за култура за стекнување статус на Самостојни уметници.
По објавата на конкурсот на веб-страницата на Министерството за култура, каде што во очи паѓа изменетиот Правилник за условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата од буџетот на државата за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, реакции стигнуваат од филмските работници.
Имено, во новиот правилник се извршени промени во три члена, а посебно изненадува промената во членот 12, каде во воведната реченица по зборовите „директор на фотографија,“ се додаваат зборовите „директор на продукција“. Ова значи дека и менаџерите на продукција, односно директорите на филм кои спаѓаат во категоријата Филмски кредити се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа и можат да се пријават на конкурсот за стекнување статус на Самостојни уметници.
Филмските уметници се согласни дека промената на трите члена во овој правилник, укажува на селективна поддршка кон филмските работници. Според нив, нејасно е како директорите на продукција може да конкурираат за статус самостојни уметници, а практично не се во категоријата автори-уметници. Тие сметаат дека на овој начин се дискриминирани останатите филмски работници како шарферите, мајсторите на сцена, реквизитерите и декоратерите, гардероберите, мајсторите на светло и тон, шминкерите, фризерите, и сите останати филмски работници кои не се автори.
Горан Игњатовски 23 години работи како дизајнер на фимска маска. Единствен во земјава е со диплома од Велика Британија и работел на успешни филмови и серии во регионот, Европа и во Македонија. Но, министерството не го вреднува како струка која може да добие статус на самостоен уметник.
„Дизајнот на филмска маска воопшто не постои како категорија и поради тоа луѓето што се занимаваат со оваа професија не можат да се пријават на конкурсот на Министерството за култура. Минатата година бев одбиен со образложение дека во конкурсот не постои категорија дизајнер на филмска маска, по што поднесов жалба дека како и костимите, така и филмската маска е од огромно значење за формирање на филмските карактери и дека неретко филмската маска е всушност и носител на темата на филмот. Но, и на таа жалба добив одговор дека таква категорија не постои и дека сум одбен по таа основа.“, вели Игњатовски.
Марина Колоска, дипломирана филмска и тв снимателка, која со децении е дел од филмските екипи, вели дека како и многу нејзини колеги кои се чинители на едно филмско дело, пред државата нема никаков статус.
„Сакам јавно да поставам прашање до Министерството за култура, Министерството за труд и социјала и Владата на РСМ, кога и како планираат да го решат социјалниот статус на филмските работници подеднакво? Тонци, Маскери, Први асистенти на режија, Втори асистенти на режија, Први асистенти на камера, Втори асистенти на камера, Секретарки на режија, Кастинг директори, Гафери, Осветлители, Сценци, Реквизитери, Гардеробери, Сет дресери…сите кои се чинители во процесот на создавање на уметничкото дело-филм, конечно да бидат згрижени од државата, после неколку децении без право на здравствена заштита и без еден ден стаж. Можете ли да го замислите тој процес без овие луѓе? Зарем тим од врвни професионалци кој брои не повеќе од 150-200 луѓе ви се проблем? Ги молам надлежните министерства и Владата на РСМ да не изостават никого, да не бидат за едни мајка, а за други маќеа.“, вели Колоска, прва асистентка на камера-шарферка.
Несватлива е и промената во правилникот, во членот 15 во алинеја 1, каде се бришат зборовите „дневна драма (сапуница), ситуациска комедија“, што значи дека и овие дела можат да се земат предвид како уметнички остварувања. Тоа значи дека и авторите кои учествуваат во создавањето на овој жанр телевизиски серии, можат да конкурираат за самостојни уметници, што во најмала рака е контроверзно. Ваквиот тип на содржини досега не беа третирани како уметнички дела и тоа досега важеше само за авторските филмови финансирани од Агенцијата за филм. И во овој случај се поставува прашањето зошто е извршена промената и за кого всушност се направени измените во конкурсот за самостојни уметници?
Друштвото на филмски работници се залага за решавање на статусот на сите филмски работници без исклучок. „Ние како ДФРМ ги застапуваме правата на сите филмски работници и се залагаме за еднаквост, така што ставот на Друштвото е дека поместувањето на оваа категорија менаџери на продукција во редот на уметниците е несоодветна. Едноставно во тој случај би морал да биде уметник и менаџерот на локација. Зошто не би бил уметник реквизитерот или мајсторот на светло?Точно е дека извесен период во минатото менаџерите на продукција уживаа статус на Самостојни уметници, пракса која колку што ми е познато беше воведена за да се згрижи еден, сега веќе починат наш колега филмски работник кому му беше потребна здравствена нега и осигурување. Но, овој преседан создаде системска грешка и наместо на ваков начин, потребно е темелно и правично решавање на проблемот на статусот на сите наши колеги “, изјави Игор Иванов- Изи, претседател на ДФРМ.
Од Министерството за култура велат дека директорите на продукција биле внесени во Правилникот за самостојни уметници од 2000 до 2021 година, а еден од тие примери бил и починатиот Горјан Тозија. Министерството за култура оценува дека овие професионалци е потребно како до 2021 година да продолжат да бидат дел од категоријата самостојни уметници, се вели во соопштението од ресорот Култура.