Во текот на четвртиот квартал на 2022 година, глобалната испорака на паметни телефони падна за 18,3 отсто, со испорачани 300,3 милиони уреди, стои во извештајот на аналитичката компанија IDC.
Сите пет најголеми брендови на пазарот на смартфони забележаа двоцифрени загуби на годишна основа во однос на четвртиот квартал од 2021 година. Споменатите резултати претставуваат најголем тримесечен пад од 2013 година.
Вкупно 1,21 милијарди телефони беа испорачани во цела 2022 година, во споредба со 1,36 милијарди испорачани во 2021 година. Во текот на четвртиот квартал, Apple ја предводеше испораката со 72,3 милиони испорачани iPhone уреди и пазарен удел од 24,1 проценти.
Следува Samsung со испорачани 58,2 милиони телефони (19,4% удел на пазарот), а потоа и Xiaomi со испорачани 33,2 милиони смартфони. На четврто и петто место се кинеските компании Oppo и Vivo.
Аналитичарите на IDC сугерираат дека зголемената инфлација е главната причина за падот на испораките на паметни телефони, како и помалата потрошувачка.
Покрај тоа, корисниците сега повеќе се држат до постарите уреди, поради што циклусот на тргување и купување сега е зголемен на 40 месеци (3,3 години) за некои корисници.

