Преносливата конзола на Nintendo сега е трета најпродавана гејминг машина на сите времиња.
Тивко и без преголема помпа, Nintendo го објави најновиот финансиски извештај во кој пишува дека компанијата во последните девет месеци успеала да продаде 14,91 милиони единици од конзолата Switch, од кои дури 8,22 милиони се продадени во последните три месеци. Благодарение на овие бројки, јапонската компанија продаде вкупно 122,55 милиони примероци од хибридната конзола за речиси шест години од нејзиното постоење, надминувајќи ги Wii, PlayStation и PlayStation 4.
Ова значи дека Nintendo Switch сега е трета најпродавана конзола на сите времиња, зад Nintendo DS, кој продаде 154 милиони единици и зад 155 милиони продадени конзоли PlayStation 2.
Во финансискиот извештај на јапонската компанија е наведено дека најпродаван модел на конзолата Switch во прикажаниот период бил OLED (7,69 милиони), по што следат обичните (5,22 милиони) и моделите Lite (2 милиони). И покрај пробивањето на третото место на историската листа, вкупната продажба на конзоли падна за 21,3% поради недостиг на чипови, но OLED верзијата продаде двојно повеќе единици отколку во 2021 година.
Сепак, она од што најмногу заработува Nintendo е продажбата на игри, а во текот на презентираната фискална година се продадени дури 27 наслови во повеќе од еден милион примероци. Најпродавана игра е Pokemon Scarlet / Violet (20,61 милиони), второ место е Splatoon 3 (10,13 милиони), а трето е Nintendo Switch Sports (8,61 милиони).
Ова значи дека од лансирањето на конзолата Nintendo Switch, компанијата продаде 994 милиони игри, а топ листата на најпродавани наслови изгледа вака:
Mario Kart 8 Deluxe (52 милиони)
Animal Crossing: New Horizons (41.59 милиони)
Super Smash Bros. Ultimate (30.44 милиони)
The Legend of Zelda: Breath of the Wild (29 милиони)
Pokémon Sword / Shield (25.68 милиони)
Super Mario Odyssey (25.12 милиони)
Pokémon Scarlet / Violet (20.61 милиони)
Super Mario Party (18.79 милиони)
Ring Fit Adventure (15.22 милиони)
Pokémon: Let’s Go, Pikachu! / Eevee! (15.07 милиони)