Роверот Curiosity на NASA пронајде брановидни карпи на Марс, односно издлабени од бранови; што укажува дека некогаш тука имало античко езеро.
Роверот неодамна испрати неверојатни фотографии од обрасци на површината на карпите издлабени од брановите на плитко езеро пред милијарди години.
„Ова е најдобриот доказ за вода и бранови што сме ги виделе за време на целата мисија“, изјави вчера Ашвин Васавада од лабораторијата за млазен погон на NASA, а пренесе АФП. Curiosity претходно пронашол остатоци од солени минерали кои укажуваат дека делови од оваа планета во минатото биле покриени со езера. Сепак, научниците биле изненадени кога пронашле таков јасен доказ за поранешното постоење на вода во кратерот Гејл.
„За време на мисијата, се искачивме на многу езерски наслаги, но никогаш не ги видовме толку јасно трагите од брановите. Особено е интересно што ова е област што веројатно е формирана во време кога Марс станувал сè посув“, рече Васавада.
Curiosity ја истражува основата на планината висока пет километри позната како планината Шарп. Таму забележал и остатоци во долина која што била однесена од влажните лизгања на земјиштето од планината. „Остатоците од свлечиштето се веројатно најновиот доказ за вода што некогаш ќе го видиме“, вели Васавада.
NASA пишува дека планината Шарп покажува еден вид „временска линија“, каде најстарите слоеви се на дното, а најмладите на врвот. Ова им овозможува на научниците да проучат како Марс еволуирал од планета која била повеќе слична на Земјата во своето далечно минато, со потопла клима и изобилство вода, до ледената пустина каква што е денес“.