Компанијата SpaceX изврши клучен тест на својата најмоќна и најголема ракета наречена Starship.
Инженерите извршија „статичко палење“, односно истовремено активираа 31 од 33-те мотори во основата на долниот сегмент на ракетата. Моторите беа активни само неколку секунди, а сè беше фиксирано за да нема движење.
Кога конечно ќе биде лансиран, Starship официјално ќе стане најголемиот и најмоќниот оперативен ракетен систем во историјата. Тоа би можело да се случи во наредните недели, под услов во SpaceX да бидат задоволни со најновиот тест.
„Статичкото палење“ беше изведено во постројката за истражување и развој на SpaceX во Бока Чика на границата меѓу Тексас и Мексико.
Основачот и извршен директор на компанијата, Илон Маск, рече дека тимот го исклучил едниот мотор пред тестот, додека другиот сам престанал да работи, што значи дека всушност работеле вкупно 31 мотор. Сепак, тој истакна дека тоа е доволно за ракетата да стигне во орбитата.
Историски гледано, најблиску до Starship беше советската ракета Н1 од доцните 60-ти, која беше развиена за да ги носи космонаутите на Месечината. Имаше 30 мотори распоредени во два прстена, но оваа ракета беше неуспешна во сите четири обиди, по што Советите го напуштија проектот.
Засилувачот Super Heavy на SpaceX е составен од 33 модерни ракетни мотори кои треба да создадат околу 70% повеќе потисок на рампата за лансирање од советската Носитель-1 (Н1).
Дури и огромната ракета на американската вселенска агенција НАСА наречена Space Launch System (SLS), која полета за прв пат во ноември, е инфериорна во однос на Starship.
Маск има големи очекувања од својот систем, бидејќи тој ќе игра важна улога во програмата Artemis, чија цел е враќање на астронаутите на Месечината. Сепак, Маск е фокусиран и на Марс.
Starship ќе донесе револуција бидејќи е дизајниран да се користи повеќе пати. Двата негови дела, засилувачот Super Heavy и вселенското летало на врвот, ќе се вратат на Земјата и ќе бидат повторно искористени.
Сега ќе следи детална анализа на тестирањето, а орбиталниот тест би можел да се направи кон крајот на месецов или во март.