Apple минатата есен ја претстави iPhone 14 серијата, а Pro уредите пристигнаа со никогаш поголеми разлики во однос на стандардните модели. Сега дознаваме колку чини производството на најскапиот модел во серијата – iPhone 14 Pro Max.
Аналитичката компанија Counterpoint Research објави извештај кој открива колку чини секоја компонента во производството на iPhone 14 Pro Max. Се наведува дека Apple потрошил 11 долари повеќе на Apple A16 Bionic чипот во споредба со неговиот претходник, што доведува до 20 процeнти повисока цена. Новиот екран на iPhone 14 Pro Max е само 1 отсто поскап од оној на iPhone 13 Pro Max.
Главната камера од 48 MP и другите модули ги зголемија цените на новиот телефон за околу 6,30 долари. Компонентите на Apple во внатрешноста на iPhone 14 Pro Max, кои вклучуваат контроли на допир, поврзување, аудио итн. се исто така малку поскапи во споредба со оние што се наоѓаат на неговиот претходник.
Од друга страна, некои компоненти се дури и поевтини во споредба со iPhone 13 Pro Max. Така, цените на поврзувачките компоненти се поевтини за околу 13 проценти.
Конечно, Counterpoint Research заклучува дека просечната цена на производство на iPhone 14 Pro Max со 128 GB внатрешна меморија изнесува 464 долари. Тоа е само 3,7% повеќе од просечната цена на iPhone 13 Pro Max.
mmWave моделот на американскиот пазар е по цена од околу 474 долари, додека верзијата под 6 GHz што се продава на други пазари чини 454 долари. За потсетување, почетната цена на iPhone 14 Pro Max со 128 GB простор за складирање во САД е 1.099 долари.